Унапредени двајца обвинители од скопското Обвинителство кои судеа во медиумско експонирани случаи


Обвинителите Дарко Јакимовски и Владимир Милошески денеска добија унапредување на своите позиции. Двајцата обвинители на Основното јавно обвинителство Скопје на денешната 27. седница на Советот на јавните обвинители едногласно беа избрани за нови членови на Вишото јавно обвинителство Скопје.

Ова, меѓу другото, значи дека Јакимовски и Милошоски во иднина нема да постапуваат по предмет пред основен суд, туку ќе постапуваат во второстепена постапка, односно ќе застапуваат предмети пред Апелацискиот суд Скопје.

Во трката за овие две места во Вишото јавно обвинителство по огласот што Советот на јавни обвинители го распиша на 5 декември лани беа и обвинителите Александар Марковски, Марија Ѓоргева, Сања Бурјакоска-Китановска, Зоран Маркоски, Љубомир Лапе, Јасмина Костеска-Здравеска и Спасенка Андонова.

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги пофали сите пријавени кандидати, посочувајќи на нивниот квалитет и посветеност.

Сепак, при изборот членовите на Советот беа едногласни дека на овие позиции треба да бидат избрани обвинителите Дарко Јакимовски и Владимир Милошевски.

„На дваесет и седмата седница одржана на ден 16.7.2025 година, со почеток во 10.30 часот, Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија по усвојувањето на дневен ред, под точка 1 донесе Одлука за избор на двајца јавни обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје, така што од пријавените кандидати по огласот објавен во Службен весник на РСМ бр. 247/2024 од 05.12.2024 година, ги избра јавните обвинители Дарко Јакимовски и Владимир Милошески“, соопштија од Советот на јавните обвинители.

Обвинителот Јакимовски во јавноста стана препознатлив по водењето на случајот „Ласкарци“, односно за автобуската несреќа во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа повредени. Тој го водеше предметот за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, познат како „крвавиот четврток“.

Неговиот колега Владимир Милошоски, пак, беше обвинител во случајот „Поткуп“ пред нешто помалку од десет години, кој се водеше против тогашниот лидер на СДСМ,  а потоа и премиер Зоран Заев.

Што се однесува до поновите случаи, Милошески беше обвинителот на ОЈО Скопје кој го постапуваше по пријавите во врска со ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски и утврди дека со документот нема ништо спорно.

На денешната седница на Советот на јавните обвинители покрај двајцата нови виши јавни обвинители, беа избрани, односно им беше продолжен мандатот за уште четири години на обвинителките Наташа Поп Трајкова и Катерина Колариќ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Колариќ и Поп Трајкова првпат беа избрани за обвинителки во ОЈО ГОКК во април 2021 година додека со ова обвинителство раководеше Вилма Рускоска.

За двете обвинителски места во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција конкуренција на Колариќ и Поп Трајкова им беа уште четворица нивни колеги и колешки –  Александар Маркоски, Дејан Петрески, Зоран Маркоски и Ана Стојковиќ Димитровска.