Украинската црква се (из)бори за независност, следна е македонската
Одлуката на Грчката православна црква да ја признае автокефалноста на Украинската црква, ги разбуди надежите дека следно прашање што ќе биде затворено во православниот свет е она на МПЦ. Познавачите на црковните ситуации коментираат дека потегот на Атина сигурно ќе ги подобри позициите на Македонската православна црква, иако останува отворен проблемот со Српската црква, која инсистира на надлежност врз МПЦ.
Одлуката на Грчката црква е дополнителен доказ за конфронтацијата меѓу Руската православна црква и вселенскиот патријарх, кој е прозападен и се обидува да го поврати приматот меѓу православните верници. Во таа насока се очекува поддршка и од ГПЦ, особено по потпишувањето на Преспанскиот договор за името.
Архиепископот на Атина и цела Грција, Јеронимос, кој претседаваше на вонредниот состанок на Светиот синод на ГПЦ за украинското прашање, во своето обраќање прогласувањето автокефалност на УПЦ го окарактеризира како „особено корисно за Православната црква и драгоцено за зајакнување на односите меѓу црквите на Русија и Украина“.
По неговото обраќање, како што соопштуваат од ГПЦ, следувал конструктивен дијалог со обраќања на архијереи, по што Синодот одлучил да ја прифати одлуката на минатиот Синод и препораката на архиепископот Јеронимос дека го признава „канонското право на Вселенската патријаршија за доделување автокефалноста, како и привилегијата на Презвитерот на црквата на Грција понатаму да ракува со прашањето за признавање на Црквата на Украина“.
Архиепископот на Атина и цела Грција, Јеронимос, во обраќањето се осврна и на извештајот на надлежните комисии, на синодската институција и административната организација на Црквата, како и на автокефалноста. Тој рече дека Вселенската патријаршија секогаш е подготвена и несебична да додели автокефалност на црква на една независна држава, секако доколку се исполнети предусловите, а обраќањето го заврши со важноста на УПЦ.
„Сите знаеме дека прогласувањето на автокефалност на Украинската православна црква е особено корисно за Православната црква, а ќе се покаже и драгоцено во зајакнувањето на односите на двете братски автокефални православни цркви, на голема Русија и Украина. Во овој дух предлагам признавање од нашата црква на автокефалноста на Православната црква на независната Република Украина“, рече Јеронимос.
Архиепископот во своето обраќање споменал дека Светиот синод на неколку состаноци го разгледувал конкретното прашање и го упати до двете надлежни комисии, едната за догматски и правно-канонски прашања, а другата за меѓуправославни и меѓухристијански односи кои на 13 август годинава го доставиле нивниот извештај што бил разгледан 15 дена подоцна. Во извештајот на надлежните комисии биле споменати неколку основни позиции и ставови меѓу кои и тоа дека Вселенската патријаршија никогаш не ѝ доделила јурисдикција на Патријаршијата во Москва за Митрополијата во Киев, но и дека признавањето од страна на Грчката православна црква е во целосна усогласеност со Вселенската патријаршија.
Се очекува во наредниот период да започнат официјалните преговори меѓу МПЦ И вселенскиот патријарх. (П.Р.)