Украина уништила лансер за тајната руска ракета „Орешник“
Шефот на украинската безбедносна служба (СБУ), Васил Маљук, потврди дека украинските разузнавачи уништиле еден од најтајните руски ракетни фрлачи „Орешник“, длабоко на руска територија во летото 2023. Во заедничка операција на неколку украински служби, бил погоден систем за лансирање со три балистички ракети „Орешник“, подготвени да бидат испукани од рускиот полигон Капустин Јар во регионот Астрахан, пишува „Киев пост“.
Според Маљук, операцијата била спроведена на руска територија заеднички од страна на силите на Главната дирекција за разузнавање на Украина (ГДУ), СБУ и Службата за надворешно разузнавање (СЗРУ). „Тоа беше многу успешна мисија. Уништувањето беше 100 проценти“, рече Маљук.
„Ова е нешто што никогаш порано не сме го објавиле… Се случи пред името ‘Орешник’ да стане широко користено“, додаде тој.
Украинското разузнавање проценува дека Русија испалила една ракета Орешник и дека другата ја уништиле тие, што значи дека Москва има барем една преостаната. „Постои еден [систем за лансирање]… Веруваме дека оваа година се произведени до три, а годишно се планираат до шест“, рече шефот на Службата за надворешно разузнавање, Олег Ивашченко.
Претседателот Володимир Зеленски предупреди дека Русија би можела да го распореди „Орешник“ во Белорусија, што би довело делови од Европа во нејзин дострел. „Разбираме дека нивниот приближен дострел е 5.500 километри. И постои мртва зона од 700 километри. Ова значи дека Европејците, особено оние во Источна Европа, треба да обрнат внимание на ова. И сите други исто така. Мора да обрнеме внимание на овие ризици“, рече Зеленски.
Зеленски изјави дека 25 компании биле вклучени во производството на „Орешник“ и ги повика западните партнери на Украина да воведат санкции врз овие компании.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека „Орешник“ е „невозможен за пресретнување“ и има деструктивна моќ споредлива со нуклеарното оружје, иако западните експерти изразија сомнежи во врска со овие тврдења. Путин во јуни изјави дека Русија го зголемува производството, но не даде детали.