Украина прифати 30-дневно примирје, сега топката е кај Москва
САД ќе ја продолжат воената помош и размената на разузнавачките информации. „Украина денес направи важен чекор“, рече Марко Рубио

Соединетите Држави веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе ја продолжат безбедносната помош за Украина, се вели во заедничката изјава објавена по состанокот во вторникот на делегацијата на Украина и на САД во Џеда, Саудиска Арабија.
За возврат, Украина се согласи да го прифати предлогот на САД за итно воведување привремен 30-дневен прекин на огнот што може да се продолжи со меѓусебен договор, што е предмет на прифаќање и истовремено спроведување од страна на Русија.
Зборувајќи во Џеда, државниот секретар Марко Рубио ѝ се заблагодари на Саудиска Арабија за домаќинството на разговорите и рече дека сега е на Русија да ги прифати условите за прекин на огнот наведени од САД и Украина и да се придвижи кон „вистински преговори“ кои всушност ја завршуваат војната.
„Ќе ја однесеме оваа понуда сега до Русите. И се надеваме дека ќе кажат да, ќе кажат да за мирот. Топката сега е кај нив“, рече Рубио. „Целта на претседателот овде е број еден над сè друго: тој сака војната да заврши. И мислам дека Украина денес направи конкретен чекор во тој поглед. Се надеваме дека Русите ќе возвратат“.
На Рубио од страна на САД му се придружија советникот за национална безбедност Мајк Волц и пратеникот за Блискиот Исток Стив Виткоф; Украинците беа претставени од шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Волц додаде дека „шатл-дипломатијата“ ќе продолжи и во наредните денови и дека директно ќе разговара со својот руски колега. Рубио објасни дека разговорите со Русија ќе се одвиваат преку традиционални дипломатски канали, „разговори и други методи“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски даде изјава по средбата. Зеленски вели дека предлогот на украинската делегација се состоел од три прашања: „тишина на небото“ и на море, како и „вистински мерки за воспоставување доверба“, вклучително и ослободување на затворениците. Тој вели:
„Американската страна ги разбира нашите аргументи, ги прифаќа нашите предлози. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за конструктивноста на разговорот на нашите тимови“.
Зеленски вели дека САД предложиле да се воспостави целосен прекин на огнот за 30 дена во Црното Море и по целата линија на фронтот.
„Украина го прифаќа овој предлог. Сметаме дека е позитивен и подготвени сме на таков чекор“.
Тој вели дека САД „мора да ја убедат“ Русија да се согласи со предлогот, истакнувајќи дека „важен елемент“ на денешниот состанок е „подготвеноста на Америка да продолжи со одбранбената помош за Украина“. Зеленски додава:
„Украина е подготвена за мир. Русија мора да ја покаже својата подготвеност да ја прекине војната или да ја продолжи војната. Време е за целосна вистина“.

Разговорите со високи влогови во Саудиска Арабија беа први меѓу највисоките американски функционери и украинското раководство откако претседателот Володимир Зеленски се судри со претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс пред новинарите во Белата куќа на 28 февруари.
Односите меѓу двете земји оттогаш се кревки, при што Трамп ја запре американската воена помош и размена на разузнавачки информации за Украина. Од раздорот, Киев очајнички се обидува да ги закрпи односите со Вашингтон за да ја врати основната помош и да ја врати поддршката од нивниот клучен поддржувач.
Запрашан за состојбата на односите меѓу Трамп и Зеленски, Рубио инсистираше на тоа дека работите се враќаат на вистинскиот пат во потрагата по мир, но не го коментираше конкретно односот меѓу двајцата лидери.
„Ова е сериозна работа, во ред? Ова не се ‘Злобни девојки’ (Американска комедија со тинејчерки – н.з.). Ова не е некоја епизода од некое телевизиско шоу. Ова е многу сериозно“, рече Рубио. „Луѓето ќе загинат во оваа војна. Тие загинаа вчера. И за жал, освен ако нема прекин на огнот вечерва, тие ќе умрат утре. Претседателот сака тоа да престане. Тоа е она што го интересира овде. И затоа дојдовме овде“.
Пред разговорите, Рубио во понеделникот вечерта навести дека помошта би можела повторно да почне да тече во зависност од исходот од претстојните разговори, велејќи дека САД „може да имаат добри вести да објават на тој фронт“ – но додаде дека Украина ќе мора да отстапи дел од територијата што Русија ја зазеде од 2014 година за каков било договор за ставање крај на војната.
Украина долго време ја отфрли можноста за каков било договор за прекин на огнот кој вклучува откажување од земјата окупирана од Русија, вклучително и полуостровот Крим, кој рускиот претседател Владимир Путин го зазеде во 2014 година. Наместо тоа, украинската влада повика на „праведен мир“ со кој Кремљ ќе плати репарации за својата тригодишна војна.
Иако Марко Рубио пред состанокот рече дека Украина ќе треба да направи територијални отстапки за мир, страните не разговараа за територијални отстапки за време на денешниот состанок, изјави за „Политико“ украински претставник запознаен со преговорите.
Друг функционер, Дарија Заривна, која е советничка во кабинетот на украинскиот претседател и член на украинската делегација, рече дека Украина покажала дека „ние најмногу сакаме мир. И преземаме чекори за да се придвижиме кон ставање крај на војната. Русија треба да го стори истото“.
Неколку часа пред делегациите да се состанат во Саудиска Арабија, Украина во понеделникот вечерта го изврши најголемиот напад со беспилотни летала врз Москва од почетокот на војната со Русија.
Во меѓувреме, во вторникот, лидерите на НАТО од 30 земји се собираат во Париз – без САД – за да разговараат за безбедносните гаранции за Украина и да ја поддржат поддршката за Киев. Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ги предводеа напорите за свикување „коалиција на подготвени“ што ќе ја поддржи Украина со мировни трупи во случај на мировен договор.
„Ги поздравуваме денешните вести од Џеда за разговорите меѓу САД и Украина, вклучително и предлогот за договор за прекин на огнот и продолжување на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Икс. „Ова е позитивен развој што може да биде чекор кон сеопфатен, праведен и траен“.
Исто така, пишувајќи на Икс, полскиот премиер Доналд Туск рече: „Се чини дека Американците и Украинците направија важен чекор кон мирот. И Европа е подготвена да помогне да се постигне праведен и траен мир“. (Според агенциите)