Украина предлага неутралност по австриски или шведски модел, вели Москва
Украина нуди австриски или шведски модел на неутрална и демилитаризирана држава, но со своја војска и морнарица. Ова го соопшти шефот на делегацијата за преговори на Русија, претседателскиот советник Владимир Медински. Според него, „за овие прашања се разговара на ниво на раководство на министерствата за одбрана на Русија и Украина“.
Тој додаде дека статусот на Крим и Донбас е „клучно прашање“, заедно со „голем број хуманитарни прашања“, „вклучувајќи ја денацификацијата, правата на населението што зборува руски и ситуацијата на рускиот јазик итн“.
Шведска имаше политика на воена неутралност за време на Студената војна, и иако формално се откажа од неа, таа остана надвор од НАТО, намалувајќи ја големината на нејзините вооружени сили. Разликата е во тоа што го зголеми своето учество во меѓународните мировни мисии.
Австриската неутралност беше формално прогласена со закон врз основа на дел од уставот усвоен во 1995 година. Во него се наведува дека „со цел да ја одржи својата надворешна независност и да не го наруши нејзиниот територијален интегритет, Австрија доброволно ја прогласи својата неутралност, за што одлучи да одржува и да ја брани со сите расположливи средства. За да ги обезбеди овие цели, Австрија никогаш во иднина нема да се приклучи на некој воен сојуз или да дозволи воспоставување воени бази на странски сили на нејзината територија“.