Украина очекува да потпише безбедносни договори со уште девет земји


Украина разговара за билатерални безбедносни договори со уште девет земји, објави претседателот Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев.

Украинската влада се обидува да потпише безбедносни договори со вкупно 32 земји, бидејќи досега веќе има потпишано безбедносни договори со 23, рече Зеленски.

Безбедносните договори опфаќаат хуманитарна, воена и финансиска помош за Украина. Според претседателот, потпишаните договори се во вредност од 38 милијарди долари.

„Верувам дека ова е моќен резултат“, додаде тој.

Украина неодамна потпиша договори за безбедност со Полска, Луксембург и Романија на маргините на самитот на НАТО, врз основа на ветувањето дадено од Групата седум (Г7) во јули 2023 година.Кабинетот на претседателот сега работи на договори со Чешка, Словенија и Ирска. Македонија е меѓу земјите кои немаат таков договор со Киев.

Безбедносните договори меѓу Украина и нејзините партнери содржат важни обврски за обезбедување долгорочни одбранбени и одвраќачки способности на Украина. Сепак, како што пишува фондацијата „Карнеги“, има значителен простор нивниот дизајн да се направи поверодостоен и одржлив. Според рамката од Вилнус, Украина потпиша десетгодишни безбедносни договори со  сите членки на Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и САД) и Белгија, Данска, Естонија, Финска. , Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска. Украина потпиша и посебен договор со Европската унија.

Во новите договори, партнерите на Украина се обврзаа, во најмала рака, да го задржат видот и обемот на воена и друга поддршка што ја обезбедија од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година.