Украина и Молдавија утре ги почнуваат преговорите по кластери со ЕУ. Македонија остана со Босна
Преговорите можат да почнат откако Киев ги прифати барањата на Будимпешта за унгарското национално малцинство и тие влегоа во Акцискиот план на ЕУ
Украина и Молдавија ќе направат одлучувачки чекор кон приклучување кон ЕУ во понеделник, кога ќе започнат со првата фаза од преговорите за членство.
Почетокот на суштинските преговори во Луксембург ќе биде многу симболичен момент за двете земји кои беа дел од поранешниот Советски Сојуз. Ова доаѓа откако Русија го интензивираше бомбардирањето на украинските градови и села, додека претрпе огромни загуби за мала територијална добивка.
Украина и Молдавија брзо беа примени како земји-кандидатки за ЕУ во 2022 година, откако поднесоа апликации неколку дена по целосната инвазија на Русија. Но, и покрај симболичната одлука за отворање разговори во јуни 2024 година, суштинските преговори беа блокирани од прорускиот претседател на Унгарија, Виктор Орбан.
Изборот на нова унгарска влада во април им го отвори патот на земјите-членки на ЕУ едногласно да се согласат минатиот петок да го отворат „првиот кластер“, поглавјата од правилникот на ЕУ што ги опфаќаат владеењето на правото и демократијата. Почнувањето на овој кластер отвора врата за разговори во други области, како што се единствениот пазар, животната средина, економската и социјалната политика.
Во заедничка изјава во петокот, лидерите на ЕУ, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, ја пофалија „решителноста, храброста и напорната работа што ја покажаа двете земји во унапредувањето на реформите, дури и во услови на огромни предизвици“.
Во изјавата Кошта и Фон дер Лајен рекоа:
„Денес, Европската унија направи голем чекор напред.
Сите земји-членки се согласија да го отворат првиот кластер за преговори за пристапување со Украина и Молдавија.
На првата Меѓувладина конференција во понеделник, ќе го отвориме кластерот за основите; ‘рбетот на процесот на пристапување. Тој ги опфаќа основните вредности и принципи врз кои е изградена ЕУ, од владеењето на правото до силните демократски институции.
Ова е признание за решителноста, храброста и напорната работа што ја покажаа двете земји во унапредувањето на реформите, дури и во услови на огромни предизвици.
И сигнал дека понудата на ЕУ за мир, стабилност и можности е неспоредлива. Проширувањето е стратешки избор“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече: „Украина го прави она што е потребно и важно е ЕУ да го држи својот збор. Отворањето на првиот кластер е значајна политичка и морална поддршка за нашата држава и нашиот народ“.
За да се донесе одлуката за почеток на преговорите по кластери Украина мораше да ги задоволи барањата на Будимпешта за гарантирање на правата на унгарското национално малцинство. Киев тоа и го направи за да може да го отвори патот кон ЕУ.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар на Фејсбук објави дека украинската страна се согласила да ги спроведе сите точки од договорот во официјален протокол и го вклучила договорот во акцискиот план на ЕУ на Украина за етничките малцинства, рече премиерот.
„За неколку недели успеавме да решиме проблем што владата на (поранешниот премиер Виктор) Орбан не можеше да го реши десет години“, рече унгарскиот лидер.
Во видео клип прикачен на објавата, Маѓар рече дека договорот е „уште еден огромен чекор кон гарантирање на јазичните, образовните, културните и политичките права на Закарпатските Унгарци“.
Маѓар рече дека вклучувањето на договорот од страна на Украина во Акцискиот план на ЕУ значи дека „спроведувањето на обврските за решавање на прашањата поврзани со правата на Закарпатските Унгарци веќе стана очекување од ЕУ“, додавајќи дека Европската комисија и Европскиот совет ќе го следат спроведувањето на договорот. Според унгарскиот премиер, доколку Украина не ги исполни своите обврски на време, земјата не може да го продолжи процесот на пристапување кон ЕУ.
Околу 150.000 етнички Унгарци живеат во областите на западниот украински Закарпатски регион, во непосредна близина на границата со Унгарија.
Со почетокот на преговорите по кластери на двете земји Македонија останува речиси осамена настрана од овој процес. Македонија го има завршени скрининг процесот, но веќе четири години не може да ги направи уставните измени кои се предуслов од преговарачката рамка за продолжување на процесот на пристапување по завршувањето на првата меѓувладина конференција во јули 2022.
Црна Гора ги отвори сите преговарачки поглавја и се очекува в понеделник да затвори уште едно. Албанија исто така граби напред. Србија има отворено 18 поглавја од 35, но последното е одамна, во 2019. Нејзиниот напредок е заглавен поради назадувањето во владеењето на правото и медиумските слободи, како и одбивањето на воведе санкции против Русија поради агресијата во Украина. Бруталното насилство кон студентите и граѓанските протести даде нов печат за нејзиното назадување.
Босна и Херцеговина е драматично назад во пристапувањето кон ЕУ, а за Косово и да не зборуваме. Тоа не е признаено од пет земји на ЕУ.
Македонија бара гаранции од ЕУ за да ги направи уставните измени и времето драматично поминува покрај неа.
Хедер Грабе, поранешна советничка на Европската комисија за проширување, рече дека отворањето на првиот кластер навистина е важно. „Тоа е почеток на процесот на постигнување договор за членство. Затоа е многу значајно“.
Грабе, која е исто така виш соработник во тинк-тенкот Бројгел, рече дека започнувањето разговори би било и проверка на реалноста за украинската страна. „Не можете да го скратите усвојувањето, спроведувањето и спроведувањето на законите на ЕУ на украинска територија. И тоа ќе потрае некое време. И ќе чини административно“.
За да се приклучи на ЕУ, една земја мора да усвои илјадници европски закони и одлуки, а потоа да добие едногласно одобрение од постојните членки.
Функционерите на ЕУ ги пофалија напорите за реформи на Украина и Молдавија. Во Украина, апсењата на познати личности, како што е шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој беше именуван како осомничен во голема истрага за корупција минатиот месец, се сметаат за позитивни знаци дека властите сериозно ги сфаќаат истрагите против корупцијата. Јермак ги негираше сите обвинувања.
Сепак, пофалбите се ублажени со разочарување што Киев не се потруди побрзо во врска со 10-те приоритетни реформи договорени минатиот декември.
Функционерите на ЕУ сметаат дека Украина завршила само 15% од реформите содржани во планот од 10 точки договорен минатиот декември помеѓу комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, и украинскиот заменик-премиер, Тарас Качка. Планот вклучува мерки за зајакнување на независноста на антикорупциските агенции Набу и Сапо, усвојување на антикорупциска стратегија и реформи во процесите на назначување на судии и обвинители. (Н.В.)