Реакција на УЈП: Да не се создава погрешна перцепција дека „се оданочува сè“
Управата за јавни приходи реагира на објавениот текст во „Независен“ со наслов „УЈП ги сардиса граѓаните, бара да платат данок за приливи од странство пред пет години“, со цел, како што се вели во реакцијата, да ја информира јавноста точно и целосно. Реакцијата ја пренесуваме интегрално:
„Управата за јавни приходи постапува исклучиво согласно Законот за данок на личен доход (ЗДЛД), Законот за даночна постапка и важечките договори за одбегнување на двојно оданочување. Постапките што се во тек не претставуваат нова мерка, ниту селективен пристап, туку редовна законска постапка која се спроведува во рамки на законски предвидениот рок за застарување на утврдувањето на даночните обврски од пет години, за која Управата за јавни приходи транспарентно уште на почетокот информираше со соопштение до јавноста на интернет-страницата на УЈП, а изработи и видео-упатства со цел граѓаните на лесен и едноставен начин да ги поднесат и платат пресметките за остварен доход од странство.
Во контекст на наведеното, нагласуваме дека секој случај се разгледува поединечно, а решенијата не се носат автоматски, туку врз основа на податоци законските критериуми како и дополнителните докази кои се доставуваат од обврзниците. Во пракса, голем дел од постапките завршуваат со прифаќање на доставената документација и корекција на утврдената обврска онаму каде што истата била утврдена.
Соопштението може да се погледне на:
http://ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/1170
Видео-упатство за поднесување на аконтативна пресметка за доход остварен во странство:
https://www.youtube.com/watch?v=gcAcns_QFoE
Видео-упатство за плаќање на аконтативна пресметка за доход остварен во странство:
https://www.youtube.com/watch?v=9P7RjC-Zjc8
Секој граѓанин даночен резидент на Република Северна Македонија има законска обврска да ги пријави приходите остварени во земјата и во странство. Во случаи каде што данокот е веќе платен во друга држава, Законот овозможува користење на таканаречен даночен кредит, односно платениот данок во странство се признава при утврдување на даночната обврската во Макeдонија, но најмногу до износот на данокот кој би се добил со користење на даночната стапка од 10%.
Важно е да се потенцира дека:
• не се оданочуваат семејни дознаки, подароци и алиментација, доколку истите се правилно евидентирани и докажани;
• секој случај се разгледува поединечно;
• по добиеното известување/покана за усогласување од УЈП, граѓаните имаат можност до УЈП да достават соодветна документација во врска со остварениот доход и евентуално платениот данок со цел точно и правилно утврдување на даночната обврска.
Управата за јавни приходи апелира до јавноста да не се создава погрешна перцепција дека ‘се оданочува сè’, туку дека се спроведува законска постапка со цел еднаков третман на сите даночни обврзници и заштита на јавниот интерес.
Управата за јавни приходи останува отворена за соработка со граѓаните и медиумите и ќе продолжи транспарентно да информира за сите постапки од јавен интерес“, се вели во реакцијата на Управата за јавни приходи.
Во прилог, информативните видеа на УЈП.
За доход остварен во странство: За доход остварен во странство (плаќање):