Убиениот водач на навивачите на Партизан претходно преживеал два атентати
Тадија Пантиќ (25), кој беше убиен вчера во Нов Белград, наводно бегал од своите убијци непосредно пред егзекуцијата. Според медиумските извештаи, Пантиќ забележал дека некој го следи и почнал да трча, но напаѓачот го стигнал и го убил, пишува Telegraf.rs.
„Се сомнева дека Тадија П. одел по патеката што води низ зградите и наводно во еден момент видел дека некој го следи, се стрчал кон обложувалницата, а напаѓачот го стигнал и почнал да пука рафално“, наведува изворот и додава: „После тоа, напаѓачот избегал во непознат правец и интензивно се бара во полициската операција ‘Виор’“.
Како што наведува „Телеграф“, двајца мажи на скутер без регистарски таблички му се приближиле на Тадија Пантиќ и испукале неколку куршуми во главата и телото. Пукањето го слушнале бројни очевидци, кои набрзо го пронашле телото на младиот човек зад киоск.
Пријателите на убиениот веднаш пристигнале на местото на злосторството, како и неговата сестра, која со солзи ја молела полицијата да ѝ дозволи уште еднаш да го види својот брат.
Убиениот Пантиќ бил водач на навивачите на Партизан од Земун, а веќе двапати избегнал смрт. Тоа се случило за прв пат во јуни, за време на навивачка пресметка на мостот Газела. Потоа камерите ги снимиле напаѓачите на скутери како ги опкружуваат автомобилите во кои имало навивачи на Партизан, меѓу кои и Пантиќ, по што тие отвориле оган.
Вториот пат, како што се сомнева, тој избегнал напад кога Македонецот Мартин С. беше убиен во експлозија во изнајмен стан во центарот на Белград. Се верува дека Мартин бил најмен да го убие Пантиќ, но дека тој случајно ги активирал експлозивите.
Полицијата ја започна операцијата „Виор 3“ и интензивно трага по сторителите на подрачјето на Земун и Нов Белград.