Убаво спакувани (не)вистини


Никогаш нема да дознаеме дали доколку Никола Груевски успееше да формира влада по минатите парламентарни избори, ќе се оствареа предизборните ветувања за намалување на стапката на вработеност под 18 отсто до крајот на 2020 година, креирање на 70.000 нови работни места, помош од 4.000 евра за секоја фирма што ќе вработи стечаец и ќе му гарантира сигурно работно место барем пет години, отворање модерни туристички велнес, спа и здравствени центри, загарантирана државна работа за стоте најдобри студенти…

Или, пак, оние ветувања од помалите партии, кои најлесно влегуваа во увото на граѓаните, но веројатно, и најлесно излегуваа: парична помош за секое семејство кое остварува доход понизок од минималното ниво, забрана за приватизација на јавните претпријатија, значително намалување на платите на пратениците, адвокатите и нотарите, бесплатно образование, намалување на глобите за сообраќајни прекршоци, 100 денари судска такса, почеток на работното време од седум часот, по три илјади евра за секој граѓанин од парите што ќе бидат вратени од корумпираните политичари…

Наместо тоа, во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори идната пролет, на вага се ветувањата на тогашната опозиција, а сегашна власт, која ветуваше просечна плата од 30.000 денари, пензија за сите што имаат над 65 години, без оглед дали ги исполниле условите за пензионирање, поврат од 15 отсто ДДВ за секој граѓанин, целосно ослободување од плаќање на јавните услуги на семејствата со најнизок доход, изградба на модерен студентски град во Скопје, укинување на радиодифузната такса, враќање на евтината струја, бројчаник со вратени пари…

Целосно фокусирани на евроинтеграцијата на земјата и решавањето на надворешните спорови, социјалдемократите во втор план го ставија она што граѓаните најмногу ги интересира: финансиската стабилност и вработувањата, па по шлаканицата од Брисел, не е чудо што целиот фокус повторно ќе биде ставен кон економијата. Од тие причини, очекувани беа изјавите за остварување на ветувањето за просечна плата од 500 евра, па макар премиерот „одел бос и без чевли“. Дигресијата е што сега не спомна железни опинци.

Ако се согласиме дека Преспанскиот договор е готова работа и на него ниту една сериозна партија нема да може да гради победничка тактика, преткампањата, а потоа и самата кампања ќе ја одбележат ветувања за реформи, подобар живот, сигурна иднина и престанување на негативниот тренд на иселување во земјата што оди во корелација со очекувањата за добивање шанса да се приближиме до Европската Унија, кога веќе НАТО, благодарение на договорот за името, е завршена работа.

Експертите за маркетинг посочуваат дека и покрај тоа што голем дел од ветувањата на политичарите дадени во кампања не се остваруваат по доаѓање на власт, сепак, истражувањата покажуваат оти оптимизмот кај граѓаните се подигнува пред секое гласање. Без оглед на рационалниот став што го имаат, секојдневното бомбардирање со розови пораки и ветувања потсвесно им влијае и ги тера да поверуваат во убаво спакуваните лаги, надевајќи се оти навистина ќе го доживеат тоа што го слушаат.

Флоскулите за враќање на правната држава и затвор за криминалците на власт служат само за билдање на духот кај своето членство и симпатизерите. Другите што го сочинуваат мнозинството од разочараните и изморени граѓани сакаат да слушнат кога и како ќе почнат подобро да живеат. Затоа, најголем дел од пораките ќе бидат упатени на нив. А, нивно е да проценат кој сее магла, а кој ќе ги однесе да го видат сонцето. И да останат да живеат уште малку во розовиот свет барем додека трае кампањата.

Горан Адамовски