Убавите мигови ги потиснаа неубавите: Интервју со Наташа Поповиќ, директорка на „Охридско лето“


Лејла Сабит

-За наша среќа не откажавме ниту еден настап, ниту поради организација ниту поради уметниците кои доаѓаа од надвор. Бевме спремни да пречекаме околу 500 домашни и странски уметници кои со најпофални зборови си заминаа по нивните настапи. Токму тоа ни даваше мотив да успееме во нашата заложба, да реализираме уште едно успешно фестивалско издание, вели за „Независен“ пијанистката Наташа Поповиќ (47), директорка на „Охридско лето“, пред свеченото затворање на јубилејното издание в недела.

Поповиќ, втора година директорува со престижната културна манифестација. На оваа функција доаѓа од местото професор по пијано во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Со дипломата пијанист се здобива на музичката академија „Valparezo University“ во Чикаго, САД. На истиот факултет и отсек ја завршува и својата магистратура. Сопруга е и мајка на две ќерки.

За неа велат дека со својот елегантен стил и пријателства меѓу дипломатискиот кор и бизнис заедницата продонела за отмената нота на „Охридско лето“.

Како течеше организирањето на фестивалот во услови на Ковид-19, која е магијата на Охрид, за откажувањето на настапот на регионалната поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, во продолжение на интервјуто.

„Охридско лето“  е во завршница, по 28 дена возбуда, во услови на коронавирус, врвни концерти, и намален број публика заради почитување на здраствените протоколи. Дали сте задоволни од јубилејното издание кое го спремавте да биде спектакуларно, ама сепак го избегна онлајн изданието?

-Многу сум задоволна и среќна од тоа како изминува  годинешново јубилејно издание на Охридско лето иако се реализира под посебни протоколи за што пред самиот почеток бевме свесни за тежината и одговорноста да се направат 36 настани со мерки кои за нас беа новина како во делот на организацијата така и во делот на безбедноста на публиката и уметниците, нашите и оние кои доаѓаат од надвор. Првичната идеја, кога се соочивме со Пандемијата Ковид 19, беше да реализираме онлајн издание но сепак тоа го избегнавме на мое огромно задоволство бидејќи Охридско лето како најголема и најзначајна културна манифестација не заслужува онлајн јубилејно издание.

Како течеше организирањето на „Охридско лето“ во услови на Ковид-19? Сигурно ве водеше максимата дека фестивал кој го доживува својот врв само во контакт со публиката е апсолутно неопходен, зашто веќе 60 години манифестацијата е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво?

-Да бидам искрена да се организира Охридско лето во услови на Ковид 19 не беше воопшто лесно. Самата организација и во нормални услови бара многу голема одговорност и посветеност а сето тоа се дуплираше во услови на Ковид пандемијата. Секако дека публиката е нашиот најголем критичар и храна за сите уметници кои настапиле и ќе настапат на Охридско лето, секако дека е модел за врвни естетски достигнувања на мегународно ниво но за жал оваа година бевме лимитирани во поглед на публиката поради Протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести и Министерството за здраство како и насоките дадени од Министерството за култура.

Со првата дама Елизабета Ѓоргиевска

Кои настапи моравте да ги откажате заради пандемијата и затворени граници низ светот?

-За наша среќа не откажавме ниту еден настап, ниту поради организација ниту поради уметниците кои доаѓаа од надвор. Бевме спремни да пречекаме околу 500 домашни и странски уметници кои со најпофални зборови си заминаа по нивните настапи. Токму тоа ни даваше мотив да успееме во нашата заложба, да реализираме уште едно успешно фестивалско издание.

Ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Поради македонскиот менталитет, уште пред стартот го откажавте настапот на регионалната поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Дали ви помина лутината и како што пее Балашевиќ, убавите мигови ги потиснаа неубавите или се ќе кажете по завршувањето?

-Ова прашање ќе ви го одговорам кратко и јасно, …убавите мигови ги потиснаа неубавите…, со тоа се е кажано.

Како прв човек на „Охридско лето“, на кои се предизвици сте исправени во текот на подготовките? Што е најтешко, а што најлесно? Дали знаевте што ве чека кога ја прифативте функцијата?

-Предизвиците и обврските се многу големи пред се од организирање и подготовка на самата програма до подготовка на сцените каде што се одвива Фестивалот секоја година. Тоа подразбира многу контакти со уметници, помагатели, спонзори.. но благодарение на големото залагање и професионалноста на тимот на „Охридско лето“ успеавме секоја вечер да ја направиме празник на уметноста. Лесно нема доколку сакаш да бидеш професионалец и професионално да се сработи овај Фестивал. Зборот најтешко не би го употребила, би го заменила со голем предизвик кој што вреди многу. Дали знаев што ме чека кога ја прифатив функцијата ? И да и не. Да во делот на креирање на музичката програма бидејќи и самата сум музичар по професија. Во делот на менаџирањето научив многу и се уште учам.

Со евроамбасадорот Жбогар

Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, истакна шефот на државата Пендаровски на свеченото отварање. Дали навистина верувате во нејзината моќ да спојува, а да не разделува?

-Потполно се согласувам со претседателот на државата Пендаровски. Тоа е исто така моја девиза и би требало да е на секој граѓанин- културата е таа што не спојува и во мирни времиња и во време невреме во кое целиот свет се наоѓа во моментов.

Фестивалот „Охридско лето” не се мери веќе со годините на неговите изданија, но се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година. Која е магијата на манифестацијата?

-Според мене магијата на „Охридско лето“ пред се е акустиката во прекрасната црква Света Софија, врвните уметнички имиња кои настапиле и кои што сум сигурна дека ќе настапат во годините кои следат, самата аура на градот заедно со езерото… сето тоа ја прават таа магија на фестивалската приказна.

Што најмногу ви се допаѓа во Охрид, а што не?

-Бидејќи сум охриѓанка, градот Охрид е мој град и ми се допаѓа се, првенствено Фестивалот „Охридско лето“.

Со италијанскиот амбасадор во РМ Карло Ромео

Кои се плановите за понатаму?

-Пред се би сакала да сме здрави и што побрзо да ја надминеме оваа светска криза со пандемијата Ковид 19 бидејќи плановите секогаш биле и ќе бидат големи за Фестивалот „Охридско лето“. Се надевам дека следната година истите ќе ги реализираме заедно со целиот тим на „Охридско лето“.