Уапсени повеќе од 250 демонстранти против мерките во Австралија, повредени полицајци


Австралиската полиција уапси 235 луѓе во Мелбурн и 32 во Сиднеј во саботата, кои учествуваа на недозволени собири против карантинот и мерките воведени против пандемијата од корона вирус, додека неколку полицајци се повредени во судирот со демонстрантите.

Полицијата на сојузната држава Викотирја рече дека шест службеници се во болница, а неколку од нив биле соборени на земја и згазени, што е потврдено и со телевизиски снимки.

Околу 700 луѓе се собраа во други делови од Мелбурн, додека 2.000 полицајци се трудеа да ги спречат да влезат во центарот на градот, поставувавувајќи контролни точки и барикади. Јавниот превоз беше прекинат.

Во Сиднеј полицијата исто така спречуваше големи собири.

Австралија се бори против делта сојот

Австралија се бори со избивањето на делта варијантата на вирусот од средината на јуни, во Сиднеј, Мелбурн и во Канбера, која со недели е во карантин. Во саботата, забележани се нови 1.882 случаи со корона вирус, повеќето во Сиднеј.

Многу од рестриктивните мерки ќе останат на сила во Викторија, Нов Јужен Велс и во Канбера, додека барем 70 отсто од луѓето над 16 години во целост не бидат вакцинирани, што според досегашната стапка на вакцинација може да се очекува кон крајот на октомври или почетокот на ноември.

Досега од почекото на пандемијата во Австалија забележани се нешто помалку од 85.000 случаи на зараза, а починаа 1.145 луѓе.

Повеќето Австралијци го поддржуваат вакцинирањето и мерките на јавното здравство, но досега се случуваше да дојде до повремени и понекогаш насилни протести против начинот на управување со пандемијата.