Туск: Полска привремено ќе го суспендира првото на азил


Фото: Б. Грданоски

Полска планира привремено да го суспендира правото на азил како дел од стратегијата за сузбивање на илегалната миграција во услови на тензии со Белорусија, која Варшава ја обвинува за испраќање мигранти во земјата.

– Еден од елементите на миграциската стратегија ќе биде привремено територијално суспендирање на правото на азил. Ќе го барам тоа, ќе барам признавање на оваа одлука во Европа. Тоа е затоа што многу добро знаеме како ова право го користат (Александар) Лукашенко, (Владимир) Путин, шверцерите и трговците со луѓе, и како ова право на азил се користи против самото постоење на тоа право, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

Во Полска миграцијата е важна тема од 2021 година, кога голем број луѓе, главно од Блиски Исток и од Африка, почнаа илегално да влегуваат од Белорусија во Полска. За Варшава и Европската Унија кризата е предизвикана од Минск и Москва. Русија и Белорусија ги отфрлаат ваквите обвинувања.

Туск најави дека стратегијата за миграција ќе биде претставена пред Владата на 15 октомври, на првата годишнина од изборите кои ја доведоа неговата коалиција на власт. Тој од преземањето на функцијата премиер во декември 2023 година, спроведува строга политика за илегалната миграција.

Парламентот на Полска во јули усвои закон со кој на безбедносните служби им олесни да користат оружје против мигрантите на границата со Белорусија.