Туск: Одбраната на источната граница е заедничка обврска на НАТО и ЕУ

Полскиот премиер Доналд Туск, по посетата на граничната линија со Белорусија, денеска изјави дека одбраната на источната граница на Полска со Русија и Белорусија е заедничка обврска на НАТО и на Европската унија.
Тој рече дека благодарение на зајакнувањето и модернизацијата на граничната ограда, полските граничари и армијата сега спречуваат дури 98 проценти од обидите за илегално преминување.
Полскиот премиер повтори дека оваа граница не е за класична илегална миграција, туку за „државната машинерија за шверц на Русија и Белорусија“.
– Денеска добив извештај во кој се потврдува дека Александар Лукашенко е спонзор на ова. Знаеме и дека Русија е вмешана. Има меѓународни групи кои се вклучени во шверц на луѓе преку границите. Секој кој работи во корист на илегалната трговија со луѓе е дел од оваа валкана работа, рече Туск.
Министерот за одбрана Владислав Кошњак-Камиш на прес-конференција по увидот на модернизираниот дел од границата во должина од 47 километри, соопшти дека на границата служат 5.000 војници, 1.000 се во готовност, а вкупно 17.000 војници се подготвени за одбрана на граничната линија.
Министерот за внатрешни работи Томаш Шемоњак додаде дека првобитната ограда изградена на границата со Белорусија и Русија од претходната влада не била доволно силна и дека на мигрантите им биле потребни 20 секунди да ја пробијат со обичен алат и да влезат во Полска.
Границата меѓу Полска и Белорусија е долга 418 километри, а претходната влада на сега опозициската десничарска партија „Право и правда“ подигна метална ограда висока 5,5 метри за да спречи илегална миграција на оваа источна рута, масовна од 2021 година. Варшава ги обвинува Белорусија и Русија за организирање и управување со масовната илегална миграција како дел од хибридната војна против Европската унија.