Турската Црвена полумесечина транспортира 1.300 тони хуманитарна помош во Газа


Брод со 1.300 тони хуманитарна помош, која турската Црвена полумесечина ја подготви за испорака во Газа, исплови од турското пристаниште Мерсин.

Деветнаесеттиот брод на добродетелството беше натоварен првенствено со храна, хигиенски средства, облека и ќебиња.

Се очекува помошта да пристигне во египетското пристаниште Ел Ариш, каде што ќе биде истоварена, а потоа и доставена во Газа.

„Со досегашната испорака на 18.000 тони хуманитарна помош во регионот, изградивме непрекинат мост на надеж од Турција до Газа“, рече членот на Управниот одбор на Турската Црвена полумесечина, Камил Карадениз.

Тој додаде дека досега е подготвен голем број топли оброци за Палестинците кои живеат во сè потешки услови преку народните кујни што ги водат во Газа.

До денес, организацијата дистрибуирала повеќе од осум милиони оброци во енклавата разорена од војната.

Премиерот на Косово во техничкиот мандат, Албин Курти, исто така објави дека брод со хуманитарна помош од Косово за Газа испловил од Турција.

Тој рече дека пратката од Косово е во вредност од 500.000 евра и вклучува шатори, пакети со храна, ќебиња и 158.000 порции топли оброци за жителите на кои им е потребна помош.