Туркије ја отвора својата најдолга културна сезона досега: Богата фестивалска програма низ 26 градови


Од утре па сѐ до средината на ноември Туркије ќе биде претворена во една голема и богата културна сцена. Бројни концерти, изложби, театарски претстави, но и разговори и работилници, ќе се одржуваат низ 26 градови на државата, во рамки на годинешното издание на Фестивалите на културната рута. Оваа манифестација е престижна членка на Европската асоцијација на фестивали (EFA), а предвидената програма за оваа година има најширок опфат досега. Во претстојните неколку месеци локалните и меѓународните туристи ќе имаат можност детално да се запознаат со културното наследство на Туркије.

Организирани од турското Министерство за култура и туризам, Фестивалите на културната рута стартуваа во 2021 година, со фестивалот во Бејоглу, по што брзо се проширија низ целата земја. До 2025 година, манифестацијата опфати 20 градови, со 9.645 настани и учество на 50.400 уметници во текот на 180 дена. Сезоната за 2026 година, пак, се очекува да биде најамбициозна досега, со времетраење од 234 дена и опфат од 26 региони низ целата земја. Програмата ги вклучува Шанлиурфа, Маниса, Трабзон, Самсун, Бурса, Ван, Коња, Невшехир, Малатија, Ерзурум, Чанаккале, Кајсери, Анкара, Истанбул, Газиантеп, Дијарбакир, Мардин, Измир, Анталија и Адана, кои и досега беа дел од платформата, а шесте нови градови што се приклучуваат на календарот за оваа година се Ајдин, Ескишехир, Кахраманмараш, Мерсин, Орду и Сакарија. Годинашново издание ќе почне утре, 25 април, во Шанлиурфа, и ќе заврши во Адана на 15 ноември.

На настанот посебно внимание ќе им биде посветено и на најмладите, преку различни работилници, сценски изведби, простори за игра на отворено и едукативни програми, кои ќе овозможат децата да се запознаат со уметноста уште од најрана возраст.

Програмата за 2026 година носи и нови гастрономски иницијативи. Ќе бидат формирани стручни советодавни тела кои ќе ги издвојат најзначајните гастрономски обележја во секој град домаќин, со цел автентично да се претстави уникатната кујна на секој регион. Тие ќе ги дефинираат препознатливите вкусови на секој град и ќе креираат посебни гастрономски рути. Ќе биде назначен и „градски главен готвач“ кој ќе ја осмислува содржината на настаните и ќе го промовира локалното кулинарско наследство. Со овој пристап, преку работилници, дегустации и внимателно осмислени тури, регионалната гастрономија ќе се претстави на повлијателен начин.

Во иднина се очекува Фестивалите на културната рута на Туркије да се прошират низ сите делови на земјата. За 2027 година се планира фестивалот да опфати дури 32 града, со вклучување на Баликесир, Денизли, Хатај, Коџаели, Муѓла и Текирдаг.

Целосниот календар на Фестивалите и дополнителни информации се достапни на официјалната веб-страница на Culture Route Festivals или преку Instagram профилот @turkiye_kulturyolu.