Тупанчевски: За 300 отсто зголемен бројот на граѓани кои добиле бесплатна правна помош


Фото: Б. Грданоски

Последниот Извештај на Европската Комисија во однос на состојбите во правосудството во Северна Македонија ја отсликува состојбата во државата и тоа значи дека можеме да покажеме мало задоволство, би рекол, во однос на поместувањата на нештата во позитивна насока. Значи кога станува збор за независно судство, во Извештајот беше констатирано дека има поместување, изјави министерот за правда Никола Тупанчевски.

На денешната конференција по повод Европскиот ден на правдата и одбележување на две години од кампањата за подигање на свеста за бесплатна правна помош, Тупанчевски истакна дека целта е да се достигнат европските вредности.

-Меѓутоа тоа да не го направиме само за Европа, туку да го направиме и за внатрешни потреби. Како и да е, во секој случај, Европскиот ден на правдата претставува уште една можност за афирмација на европските вредности од една страна. Меѓутоа уште еднаш да потврдиме дека се наоѓаме на вистинската траекторија, во вистинска смисла на зборот, дека се движиме во насоката која што ни е неопходна за ревизија за оние состојби коишто до сега беа речиси негативно оценувани, истакна Тупанчевски.

За време на конференцијата, Тупанчевски нагласи дека државата има обврска да ги преземе сите неопходни мерки за да им овозможи на лицата кои немаат доволно средства, да не бидат ограничени во однос на заштитата на нивните права.

Согласно статистиките на Министерството за правда, во 2021 година за 299 проценти е зголемен бројот на граѓани кои добиле примарна помош, во споредба со 2019 година. Одобрените барања за секундарна помош за две години се зголемиле за 125 отсто.

Директорот на Директоратот за човекови права во Советот на Европа, Кристоф Поарел  нотираше дека одбележувањето на Европскиот ден и одржувањето на оваа кампања се од голема важност за обезбедување на бесплатната правна помош за оние кои не можат да си ја дозволат.

-Бесплатната правна помош придонесува кон поправедно и поеднакво општество, кадешто правдата е достапна за сите, додаде Поарел.

Мари-Маделеин Канелопулоу, раководителка на оперативно работење во Делегацијата на ЕУ во Скопје, порача дека одлагањето на правдата е оневозможување на правдата.

-Тоа не потсетува сите дека сѐ уште имаме работа што треба да ја завршиме. Импресионирана сум што речиси половина милион луѓе добиле информација за оваа кампања, бидејќи навистина целата поента е луѓето да бидат свесни и да ги користат алатките што им се на располагање, нагласи Канелопулоу.

Љубомир Михајловски, претседателот на Адвокатската комора забележа дека се направени повеќе реформи во државата во областа на правосудниот систем.

-Како адвокати сме наишле на отворен пристап до Министерството за правда. Ова го кажувам затоа што граѓаните единствено преку адвокатите и Комората можат да ги остварат своите права или своите интереси да ги пренесат на надлежните државни институции, вели Михајловски.

Посочи дека со стратешкиот план на Министерството се спроведуваат реформи, а со тоа мора да се реформираат и адвокатите.

-Мораме да се едуцираме, особено за европските закони и норми бидејќи сме со идеја и намера да влеземе во ЕУ, додаде тој