Во Кочани се славеше роденденот на Тито и Денот на младоста


Предводникот на Хрватската пролет, Мика Трипало беше во НОБ на 16-годишна возраст, припаѓаше на едно од најбогатите хрватски семејства. Латинка Перови вели дека имал вистинска харизма, демократски ориентиран, еден вид социјалдемократ, но во исто време беше и Хрват: Мика Трипало како млад му ја предава штафетата на младоста на Тито

Со интонирање на химната и истакнување знамиња од поранешната социјалистичка Југославија, најстарите членови на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска го почнааа одбележувањето на Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон.

Во дефиле со возила што поминаа по улиците на градот, титовистите го пренесоа симболот на празникот – штафетата на младоста, свечено предавајќи му ја на претседателот на здружението, Трајан Трендов.

-Ние сме единствените во Македонија и во овој дел на Балканот што организирано го одбележуваме еден од најубавите празници во поранешната заедничка држава, празник што го симболизираше заедништвото, единството и младешкиот дух како основа на развојот и напредокот на сите народи и народности кои беа дел од СФРЈ. За жал, денес младите не знаат, а постарите како намерно да сакаат да ги заборават придобивките од времето кога слободно, без пасош, се движевме, работевме и се образувавме од Гевгелија до Триглав, од Суботица до Бар. Тогаш бевме другари, денес сме меѓусебно поделени дури и во сопствената држава. Сепак, сè додека сме живи ќе го негуваме споменот на тоа време и ќе им ја пренесуваме на помладите пораката за толеранција и почитување, истакна Трендов.

Членовите на Здружението од Кочани велат дека со одбележувањето на овој и другите југословенски празници не ја негуваат југоносталгијата, туку оддаваат почит на периoдот кога конечно е остварен вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава.

-На годинешниот 25 мај се навршуваат 132 години од раѓањето на маршалот и претседател на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито, а неспорен е неговиот личен и приодонесот на партијата на чие чело се наоѓаше за признавањето на македонската нација и држава, која по завршувањето на Втората светска војна се најде во заедничките граници на некогашната татковина. Наша задача е и понатаму да ја пренесуваме титовата порака за заедништво и меѓусебно почитување за да не го изгубиме тоа што пред осум децении крваво сме го стекнале, истакна Ѓорѓи Николов, член на здруженито „Јосип Броз Тито“.

Денот на младоста се славел на 25 мај и бил еден од најзначајните празници во Југославија. Првично, овој ден се поврзувал со роденденот на Тито, иако вистинскиот датум на неговото раѓање е 7 мај. Со текот на времето, 25 мај станал симбол на младоста, единството и заедништвото на југословенската младина.

Централниот дел на прославата бил Штафетата на младоста (Штафета младости), која започнала во 1945 година. Штафетата била носена од младите низ целата земја и секоја година патувала илјадници километри низ сите републики и автономни покраини на Југославија. Симболично, ова претставувало единство и солидарност меѓу младите луѓе во различните делови на земјата. Штафетата завршувала со голема церемонија на стадионот ЈНА (денеска стадион Партизан) во Белград, каде што Тито лично ја примал штафетата и одржувал говор.

Роденденот на Тито

Роденденот на Тито, кој официјално се славел на 25 мај, бил повод за различни манифестации и свечености низ целата држава. Тито бил роден на 7 мај 1892 година, но одлучено било да се прославува на 25 мај за да се совпадне со Денот на младоста и симболично да се поврзе со иднината на државата и младите генерации.

Овој ден бил одбележан со паради, спортски натпревари, културни настани и бројни други активности кои го славеле ликот и делото на Тито. Учениците, студентите и младите активно учествувале во организирањето и спроведувањето на овие активности.

Културно значење и наследство

Денот на младоста и роденденот на Тито биле повеќе од само обични празници; тие играле клучна улога во зајакнувањето на југословенскиот идентитет и во создавањето на култот кон Тито. Празнувањата биле средство за промоција на заедничките вредности на социјализмот, братството и единството, кои биле основни принципи на југословенската држава.

Со распадот на СФРЈ во 1990-тите години, овие празници изгубиле од своето значење и повеќето од нивните традиции биле прекинати. Сепак, за многумина кои живееле во тоа време, Денот на младоста и роденденот на Тито остануваат важен дел од колективното сеќавање и културното наследство на поранешната Југославија.