Обвинителство истражува зошто се затворени хируршките сали во Клиничкиот центар


Обвинителството истражува зошто веќе една недела се затворени хируршките сали на клинички. Првите информации се дека се ширел непријатен мирис, а од Министерството за здравство посочиле на проблеми со функцонирање на вентилацискиот систем. Предметот е распореден кај обвинител кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело.

По собраните искази и докази обвинителството ќе процени дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.Во моментов приспособени се само три сали за исклучително итни случаи, а пациенти се препраќаат во други болници.

За состојбите на Клинички денеска реагираа и од ВМРО ДПМНЕ од каде велат дека со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик. Од партијата обинуваат дека ДУИ и СДСМ системски го уништуваат здравството до последен ден и дека незапаметен хаос владее на Клиниката за хирургија.

Хируршките сали на Клинички центар се затворени повеќе од една недела, а Министерството за здравство наместо да го реши проблемот, му го префрлиу на Јавното обвинителство. Во меѓувреме решение за пациентите нема, а докторите од ГОБ 8 Септември и од Градската Болница се натоварени со работа од сите пациенти кои ги примаат од Клинички центар. Другите кои не се итни, се упатени да чекаат дури и со сериозни дијагнози, како карцином.