Трудо: Царините за Канада што ги објави Трамп ќе го поскапат животот на Американците


 Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека Американците „почнуваат да се будат и да ја сфаќаат реалноста“ дека царините за сите производи од Канада, чие воведување го најави новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, „ќе го направат животот многу поскап“.

Говорејќи на настан организиран од Стопанската комора на Халифакс, Трудо рече дека справувањето со Трамп ќе биде „малку попредизвикувачки“ отколку за време на неговиот прв мандат, по неговата изборна победа во 2016 година.

Новоизбраниот американски претседател се закани дека ќе воведе данок од 25 отсто за сите производи кои влегуваат во САД од Канада и Мексико.

„Трамп е избран поради посветеноста да го направи животот подобар и попристапен за Американците, и мислам дека луѓето јужно од границата почнуваат да се будат во реалноста дека царините за се од Канада ќе го направат животот многу поскап“, рече Трудо.

Тој додаде дека Канада „се разбира, како и пред осум години, ќе одговори на неправедните царини“ и дека „нема потреба за паника“.
„Една од најважните работи што треба да ги направиме е да не паничиме“, рече Трудо.

Канадскиот премиер рече дека неговата влада се уште ги разгледува „вистинските начини“ да одговори на најавените американски царини.