Тројцата европски премиери безбедно се вратија по посетата на Киев
Премиерите на Полска, Чешка и Словенија безбедно се вратија во Полска во средата по посетата на Киев со цел да ѝ покажат поддршка на Украина додека се брани од рускиот воен напад.
Лидерите се состанаа со претседателот Володимир Зеленски во вторникот за да пренесат порака за солидарност со Украина и за поддршка за аспирациите на нацијата еден ден да се приклучи на Европската унија.
Тие продолжија со повеќечасовното патување со воз и покрај загриженоста за ризиците за нивната безбедност додека патуваат низ воена зона. И покрај тоа што го прогласија своето патување како мисија на ЕУ, официјалните лица во Брисел го оценија како нешто што тројцата водачи го презеле сами.
Портпаролот на полската влада Пјотр Мулер во средата наутро изјави дека тројцата безбедно се вратиле во Полска. Официјалните лица не дадоа детали за нивниот распоред од безбедносни причини.
На премиерите Матеуш Моравиецки од Полска, Петр Фиала од Чешката Република и Јанез Јанша од Словенија им се придружи полскиот вицепремиер Јарослав Качињски – шефот на владејачката конзервативна партија и најмоќниот лидер во земјата.
На брифингот со новинарите доцна во вторникот во Киев, Качињски рече дека верува оти е потребна мировна мисија на НАТО во Украина. Забелешката предизвика многу дискусии во Полска во средата, при што некои коментатори рекоа дека овој просепкт може да ризикува да го вовлече НАТО во војна со Русија.