Трка до дното – државната помош и странските инвестиции во регионот, каде е Македонија

Земјите од Западен Балкан се обидуваат со што поголеми бенефиции да „ловат“ странски инвеститори, притоа занемарувајќи дека е најважна политичката стабилност и безбедност како и деловно-правното и регулаторно опкружување

 

Обемот на државната помош што им била одобрена на странските инвеститори во изминатите десетина години во Македонија е меѓу пониските во регионот, покажуваат резултатите од студијата „Привлекување на странските инвестиции во регионот на Западен Балкан и државната помош: трка до дното или неопходност“, што ја изработи Центарот за економски анализи. Државната помош за странските инвеститори кај нас изнесувала меѓу 0,1 и 0,4 отсто од домашниот бруто производ (БДП) за периодот од 2008 до 2018 година, со тоа што највисокиот износ во однос на БДП е доделен во 2011 и во 2018 година. Во 2017 биле одделени средства во износ од 0,3 отсто од БДП, а претходната 2016 година 0,2 отсто. Во другиот период износот бил 0,1 отсто од БДП, освен во 2010 кога тој бил нула отсто.

Најдарежлива во регионот е Србија која на странските инвеститори им одобрувала меѓу 1,2 и 1,9 отсто од БДП, но и Црна Гора каде што тој сооднос се движи од 0,4 отсто во 2017 година дури до 2,9 отсто од БДП во 2013 година. Во повеќето години процентот на државна помош бил поголем и во Босна и Херцеговина и во Албанија, додека за Косово нема податоци.

Податоците се врз основа на јавно објавените извештаи на националното тело одговорно за контрола на државната помош во секоја од земјите од ЗБ. Имајќи ги во предвид забелешките во извештаите на ЕУ за земјите за степенот на спроведување на регулативата, обемот на државна помош може да биде и веројатно поголем“, се вели во анализата.

Доколку се анализираат трендовите на земјите во регионот, државната помош во последната деценија (2008-2018) се движи во просек од 1,3 отсто со намалување до 0,7 отсто, додека во истиот период на просечното ниво на ЕУ-28, релативната вредност на државна помош се движи од 0,5 отсто до 0,7 отсто, се додава во истражувањето.

Државната помош за странските инвеститори кај нас изнесувала меѓу 0,1 и 0,4 отсто од домашниот бруто производ. Најдарежлива во регионот е Србија

Доколку, пак, се разгледа секоја земја посебно особено се истакнуваат високите релативни индикатори над 1 отсто од националниот БДП на годишно ниво и тоа кај Србија (просек за 2008-2018 е 1,5 отсто), Црна Гора (просек за 2008-2018 е 1,2 отсто), што претставува и по неколкукратно повисок релативен индекс од просекот на ЕУ, додека кај Македонија истите се значително пониски (просек за 2008-2018 е 0,2 отсто). Трендот кон ЕУ просекот е видлив особено започнувајќи 2014 година, се вели во истражувањето.

Слични соодноси се добиваат и доколку државната помош се стави во релација со бројот на жители на државите од Западен Балкан.

Студијата анализира и како државната помош и бенефициите кои што ги дваат државите во вид на поволни даночни стапки, како и бројни други повоности, влијаат врз обемот на странските директни инвестиции и врз економскиот раст. Резултатите покажуваат дека постои позитивна корелација помеѓу странските директни инвестиции и растот на бруто домашниот производ, но и помеѓу странските директни инвестиции и доделената државна помош во земјата.

Како што се наведува во студијата, политиките на привлекување на странските инвестиции во регионот, во последната деценија се спроведуваат преку значаен број на програми, мерки, форми меѓу кои значително се истакнуваат со појавата на слободни економски зони, во Црна Гора од 2004, во Србија од 2006, во Албанија од 2007, Босна и Херцеговина од 2009, во Македонија од 2007 и во Косово во 2013 година.

Оттогаш основани и/или функционални се значаен број на слободни зони: во Албанија три, во БиХ четири, во Македонија 15, во Косово три, во Црна Гора една и во Србија 14“, се вели во студијата.

Изготвувачите на итражувањето велат дека поддршките се јавуваат преку фискални и не-фискални поттикнувања и забележуваат на ниското ниво на транспарентност и капацитетите за спроведување на законите. Притоа се вели дека е големата веројатноста висината на државната помош да е поголема од евидентираната, а во некоја мера и во спротивност од правилата за доделување државна помош од аспект на заштита на конкуренцијата.

Прегледот на фискални и нефискални поттикнувања и стимулации за инвестициите во економските зони, но и воопшто за инвестициите во земјите на Западен Балкан, покажува дека во регионот постои вистинска трка кој ќе даде повеќе, се со цел да се привлечат што поголем број странски инвеститори.

Стимулативните мерки, субвенции, државна помош преку фискални и нефискални мерки кои ги нудат земјите во регионот се значителни и со самото нивно набројување“, нагласуваат од ЦЕА. Од таму се предупредува и на можни негативни ефекти од таквиот пристап, потенцирајќи дека според ОЕЦД, „најефикасните политики за привлекување СДИ се оние кои го подобруваат општото економско и деловно опкружување на една земја, наместо оние кои се насочени кон даночни олеснувања, финансиски субвенции и регулаторни исклучоци насочени кон странски претпријатија и на некои инвеститори над други“.

ОЕЦД дава признание дека стимулациите може да придонесат за ефикасна алокација на СДИ, но исто така може да ја наруши конкуренцијата, а при тоа цената да биде преголема како за меѓународната заедница така на долг рок и за земјата домаќин“, се додава во студијата.

Повикувајќи се на Глобалниот извештај за конкурентност на инвестициите на Светска банка во студијата се вели дека инвеститорите земаат предвид широк спектар на фактори, а најважно е пред се постоењето на политичка стабилност и безбедност како и деловно-правното и регулаторно опкружување.

Овие се примарните фактори кои се рангираат според важноста пред другите фактори како што се инфраструктурата, квалификациите, талентот и вештините на работната сила како и ниските трошоци за работната сила и инпутите. За 86 отсто од мултинационалните инвеститори регулаторното опкружување и законите е важен или критично важен фактор што укажува на

тежината на овој одлучувачки фактор во носењето на одлуката за инвестирање. Значително подолу на листата на приоритети, но сепак важни, се наведуваат ниските даноци и евтината работна сила, пристап до недвижнини и пристап до финансирање“, се вели во студијата.

Инаку, како што покажуваат резултаите од направените анализи на ЦЕА, постои позитивна корелација помеѓу странските директни инвестиции и растот на бруто домашниот производ, но и помеѓу странските директни инвестиции и доделената државна помош во земјата.

Овие наоди укажуваат на неколку работи за оние кои носат одлуки. Прво, БДП растот влијае на странските директни инвестиции при носењето на нивните одлуки да инвестираат во оваа група на земји. Второ, државната помош влијае на привлекување на СДИ. Разбирливо е БДП растот да привлекува странски директни инвестиции бидејќи се очекуваат релативно повисоки приноси во земји кои растат побрзо, велат од ЦЕА.

Во студијата исто така се предупредува дека феноменот „трка до дното“ се случува кога државите од една страна ги намалуваат даноците, а од друга страна ја зголемуваат државната помош за странските компании со цел да привлечат повеќе странски директни инвестиции во земјата споредено со соседните земји.

Доколку ваквите политики не се адекватно дизајнирани и имплементирани на транспарентен начин може да предизвикаат ерозија на јавните приходи во секоја од земјите поединечно, но и во регионот како целина. Овој феномен е посебно изразен доколку истовремено странските директни инвестиции не придонесуваат за адекватно зголемување на економскиот раст во земјите, односно не соработуваат со локалните добавувачи и ги пренесуваат добивките од работата и инвестициите во земјите на матичните компании, се вели во закјлучоците на студијата.

Исто така, наодите од анализата укажуваат на тоа дека земјите во регионот кои имаат повисоки износи на доделена државна помош воедно имаат и повисоки приливи на странски директни инвестиции.

Меѓутоа, забележливо е и дека земјите во регионот кои имаат повисок економски раст имаат повеќе странски директни инвестиции од земјите со понизок раст. Од друга страна, спротивно на општоприфатената парадигма, земјите кои ги разгледуваме и кои имаат пониски даночни стапки имаат и пониски приливи на странски директни инвестиции од земјите со повисоки даночни стапки што е индикација за трка до дното во привлекување на СДИ со тесните мерки за привлекување кои ги применуваат. Во литературата ова е познато како beggar-thy-neighbour т.е. кога земјите се обидуваат да се надминат меѓусебно во однос на стимулациите (во случајот даночни) со цел да привлечат инвеститори“, се вели во студијата.

Постојат индикации дека регионот во моментот го достигнал дното од ‘трката до дното’, без притоа да сугерираме дека опасноста од повторување е намалена, заклучуваат од Центарот за економски анализи

Во неа се додава дека на долг рок оние кои носат политиките во Македонија треба да земат во предвид дека земјите со повисоки даноци имаат повисоки јавни приходи, а со тоа и повисоки инвестиции во инфраструктурата и образованието кои пак се клучни за привлекување на одржливи СДИ.

Иако регионот на Западен Балкан се карактеризира со ниски даноци на добивка и персонален данок на доход, сепак во студијата се нагласува дека истите стагнираат за време на анализираниот десетгодишен период, односно нема дополнителни намалувања на стапките, со тоа што во Србија од 2013 и во Албанија од 2014 година стапките за данок на добивка се зголемени за пет процентни поени.

Бидејќи за време на анализираниот период даночните стапки за данок на добивка и персонален данок не се намалени или пак растат, а од друга страна износите на државната помош како процент од бруто домашниот производ стагнираат и просекот на регионот за државна помош како процент од БДП е под просекот на земјите на Европската Унија, може да кажеме дека постојат индикации дека регионот во моментот го достигнал дното од ‘трката до дното’, без притоа да сугерираме дека опасноста од повторување на истата е намалена заклучуваат од Центарот за економски анализи.

Истражувањето е дел од проектот за следење на политиките за заштита на конкуренцијата и државна помош, а неговото изготвување беше поддржано од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка „Сида“. (М.Ј.)