Трикратно зголемени сметките за струја на општините, бараат Владата да ја плати разликата


Општините се соочуваат со огромно зголемување на сметките за електрична енергија. Минатата година Општина Чаир платила околу 500.000 денари за електрична енергија, а сега сметката е 1,4 милион денари, со воведени рестрикции и намалено трошење на осветлувањето. Истиот случај е и во Општина Ѓорче Петров, сметката била до 700.000 денари, додека пак последната сметка за ноември 2021 година е близу три милиони денари.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и потпретседател на Заедницата на единиците на локална самоуправа на денешната прес-конференција информираше дека општина Чаир имала долг од девет милиони евра, при што усно се договориле со институциите кон кои должат, неделно да исплаќаат по 700.000 денари.

– Ние вчера плативме два милиони евра од долгот и добивме одговор дека ќе имаме греење само за два дена. Правиме и напори да ги добиеме средствата од фирмите што имаат долг, со цел да го исплатиме целиот долг, вели Ганиу.

Тој додаде дека проблемот настанува и поради тоа што голем број од граѓаните од Бутел и Чаир, над 70 проценти од домаќинствата, во последните неколку години не ги користат услугите на Топлификација.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски посочи дека сумата на сметката за електрична енергија за ноември во износ од три милиони денари годишно ги покрива трошоците за целосно одржување на сите јавни објекти што се во рамки на општината.

– Во моментов ја плаќаме таа сума само кон сметките за електрична енергија. Доколку продолжи овој интензитет, предвидени ни се 37 милиони денари, со што сериозно ќе ја доведе општината  во голем проблем. За среќа имаме ЛЕД улично осветлување. Кај другите општини состојбата е посериозна, бидејќи се помали општини, а издвојуваат поголеми средства во делот на плаќање сметки за струја, истакна Стојкоски.

Тој додаде дека на вчерашниот состанок на ЗЕЛС тој презентирал предлог, Владата да излезе во пресрет и да ја субвенционира разликата во моментов, како модел што е најбрзо спроведлив во делот на финансиска помош кон општините. Исто така, тој додаде дека е потребно да се заложат за поголеми инфраструктурни проекти што би значеле поставување на фотоволтаици на сите јавни објекти што се во владение на општината и измени на законската регулатива, бидејќи постојат ограничувања во делот на тоа колкава моќност на фотонапонски панели би можеле да се постават на сите објекти