Три дена врне: Скопјани да се подготват за инвазија од комарци
Скопјани треба да се подготват за инвазија од комарци, со оглед дека три дена врне, а потоа следуваат високи темератури. Тие се одлични услови за појавата на комарци, а Градот сè уште нема најави за прскање против овие штетни инсекти.
Повеќе од еден месец доцни прскањето против ларви од комарци, а од Град Скопје нема никакво известување дали и кога ќе се прска. Граѓаните реагираат дека и претходните денови, кога беше топло и суво, покрај кејот на Вардар, веќе има наезда на комарци.
Скопје и кога редовно се прска против комарците се бори со нив, а граѓаните се ставени на трошок да купат средства за заштита, кои сепак малку помагаат.
Лани првото прскање против ларви беше извршено на 12 април.
Годинава се доцни поради постапката за доделување договор за јавна набавка за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, за 2024 година, која била поништена на крајот од април.
Засега нема никакво исвестување од градоначалниката Данела Арсовска, ниту од Град Скопје за проблемот.
Градот почнал постапка за набавка, но била прекината
Согласно планот за јавни набавки на Град Скопје, во делот на Предмет на договорот за јавна набавка: е наведено дека Превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје, за 2024 година проценетатат вредност без ДДВ изнесува приближно 330 илјади евра.
Град Скопје распишало три набавки кои се евидентирани во системот на јавни набавки. Првата е набавка на средство за уништување на возрасни форми на комарци и средство за уништување на ларви од комарци, за ова набавка е донесена одлука за избор на најповолна понуда и е избран за најповолен понудувач.
Втората набавка е за авионска апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и авионска апликација на средство за уништување на ларви од комарци донесена е одлука за избор на најповолна понуда и е избран за најповолен понудувач.
Третата набавка за терестична апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и терестична апликација на средство за уништување на ларви од комарци – за оваа набавка е донесена одлука за поништување на постапката на 8 април годинава.
Од Градот велат дека постапката била благовремено распишана, но поради жалба на еден од операторите се чека на одлука на второстепениот орган по што се пристапува кон прскање согласно законските процедури.