Три деца меѓу четворицата убиени во пукотница на роденденска забава во Калифорнија


Најмалку четири лица, вклучувајќи три деца, се убиени, а 11 други се повредени во масовно пукање на семеен собир во калифорнискиот град Стоктон. Жртвите биле на возраст од осум, девет, 14 и 21 година, потврдија властите, пишува Би-Би-Си.

Осомничениот е сè уште на слобода и полицијата верува дека пукањето, кое се случило вчера непосредно пред 18 часот по локално време во ресторан, можеби било „целно“. Канцеларијата на шерифот на округот Сан Хоакин ги повика сите што имаат „информации, видео или кои можеби биле сведоци на кој било дел од инцидентот“ да се јават.

Портпаролката Хедер Брент го опиша инцидентот како „неразбирлив“, додавајќи: „Ова е многу активна и тековна истрага, а информациите остануваат ограничени. Првичните индикации сугерираат дека ова можеби бил целен инцидент, а истражителите ги истражуваат сите можности“.

Иако полицијата сè уште не ја потврди точната природа на настанот, освен дека станува збор за семеен собир, заменик-градоначалникот Џејсон Ли претходно изјави дека пукањето се случило „на детска роденденска забава“.

„Роденденската забава никогаш не треба да биде место каде што семејствата се плашат за своите животи“, напиша Ли на социјалните медиуми.

Градоначалничката на Стоктон, Кристина Фугази, ја нарече пукањето „неприфатливо“. „Семејствата треба да бидат заедно наместо во болница, да стојат покрај своите најблиски, да се молат за нивниот опстанок“, рече таа.

Калифорнија има едни од најстрогите закони за оружје во САД, но тие се соочија со правни предизвици во последниве години. Во 2021 година, федерален судија ја поништи забраната на државата за оружје за напад, како што е AR-15. Следната година, Врховниот суд на САД ги прошири правата за оружје со одлука со која се поништи законот во Њујорк, ставајќи слични прописи во Калифорнија во опасност.