Трет повик за предлог-проекти за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија

Третиот повик за предлог-проекти за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија ќе биде објавен денеска.

Како што сооопшти Министерството за локална самоуправа, амбасадорот на Европската унија во Северна Македонија Дејвид Гир и Луиџи Сорека, амбасадор на Европската унија во Албанија официјално ќе го објават Третиот повик за предлог-проекти за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија. Можностите за финансирање што се достапни во рамките на овој повик до општините од прекуграничната област ќе ги презентираат Горан Милевски, министер за локална самоуправа на Северна Македонија и Зеф Мази, главен преговарач / Национален координатор за ИПА на Република Албанија.

-Прекуграничната соработка е клучен елемент на политиката на ЕУ кон нејзините соседи. Дизајнирана според принципите на моделот на територијална соработка на ЕУ, CBC ја промовира соработката помеѓу земјите на ЕУ и соседните земји кои делат копнена граница или премин преку море. Северна Македонија има воспоставена прекугранична соработка со сите пет нејзини соседни земји. Досега, 14 проекти во вредност од близу 6 милиони евра беа доделени во текот на ИПА- периодот на програмирање 2014-2020 година (ИПА 2) во рамките на програмата CBC само со Албанија, се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.

Полошкиот, пелагонискиот и југо-западниот регион од македонската страна и Корча, Дибер и Елбасан на албанската страна имаат право да аплицираат во рамките на овој трет повик за предлог-проекти. Околу пет милиони евра се ставени на располагање за проекти со CBC елементи од најмногу 800.000 евра за секој од нив. Тие треба да го поттикнат туризмот притоа промовирајќи го природното наследство, ќе ги поддржуваат локалните бизниси и конкурентноста и ќе помогнат во заштитата на животната средина. Програмата ИПА CBC е кофинансирана од Владата.

Официјалниот почеток на 3-от повик за предлог-проекти за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија ќе биде објавен денеска на он-лајн прес конференција на министерот за локална самоуправа Горан Милевски.