Трамп: САД можеби ќе мора да ги поништат трговските договори со ЕУ, Јапонија и Кореја

Претседателот Доналд Трамп изјави во среда дека Соединетите Американски Држави можеби ќе мора да ги „поништат“ трговските договори што ги склучиле со Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја, меѓу другите, ако го изгубат случајот пред Врховниот суд за легалноста на царините.
Трамп, зборувајќи со новинарите на почетокот на состанокот со полскиот претседател Карол Навроцки, рече дека неговата администрација бара од Врховниот суд да ја поништи пресудата на американскиот апелациски суд донесена минатата недела, со која многу од неговите царини беа прогласени за нелегални.
Губењето на тој случај, рече тој, би ги оставило Соединетите Американски Држави значително посиромашни и би можело да ги загрози трговските договори склучени во последните месеци. Тој додаде дека верува оти администрацијата сепак ќе победи.
„Нашата земја има шанса повторно да биде неверојатно богата. Исто така, може повторно да биде неверојатно сиромашна. Ако не го добиеме тој случај, нашата земја ќе страда многу“, рече тој.
Трамп рече дека неговото воведување на царини за повеќето трговски партнери го отворило патот за договори со ЕУ и други, од кои некои веќе се склучени, додека други се уште се во фаза на преговори.
„Склучивме договор со Европската Унија каде што ни плаќаат речиси билион долари, и знаете што? Тие се задоволни. Заврши. Сите овие договори се склучени“, рече тој. „Претпоставувам дека ќе мора да ги поништиме.“
Коментарите на Трамп претставуваат негово прво јавно предупредување дека договорите постигнати со главните трговски партнери би можеле да бидат поништени ако Врховниот суд ја потврди пресудата донесена минатиот петок, пренесе СЕЕбиз.