Трамп повторно се заканува со царини, за некои европски земји би можеле да бидат 100 отсто
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе 100% царини за сите стоки од земјите што воведуваат данок на дигитални услуги за американските компании.
„Голем број европски земји во моментов дебатираат дали да воведат данок на дигитални услуги за американските компании“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Truth Social. „Некои од овие земји се навистина блиску до тоа“, додаде тој.
„Нека ова соопштение послужи како најава дека секоја земја што воведува таков данок веднаш ќе се соочи со 100% царини за сите стоки испратени во Соединетите Американски Држави.“ Трамп рече дека новите царини ќе го заменат секој трговски договор со САД „без разлика дали е имплементиран, потпишан или не“.

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела, неколку часа пред средбата со Трамп на самитот на Г7, изјави дека Франција нема да потклекне на притисокот од американскиот претседател да го укине дигиталниот данок врз американските технолошки гиганти.
Пред да замине на самитот во Франција, Трамп предупреди дека САД „немаат избор“ и ќе мора да воведат 100% царини за француските вина доколку Париз не го укине дигиталниот данок.
Од 2019 година, Франција наплаќа надомест од 3% од приходите генерирани од дигитални услуги од компании со приходи од над 25 милиони евра во земјата, или 750 милиони евра низ целиот свет.
Новиот притисок од Трамп дојде откако земјите-членки на Европската Унија официјално го одобрија трговскиот договор со САД постигнат минатата година, со кој царините за европскиот увоз се ограничуваат на 15%, пренесува АФП.