Трамп објави царини за Индија од 25 отсто – плус „казна“ за трговијата со Русија

Индија денес објави дека сака да склучи фер и избалансиран трговски договор со САД, неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царини од 25 проценти за индиската стока.
Порано денес, Трамп објави нови економски мерки против Индија, обвинувајќи ја земјата за претерано високи царини и блиски врски со Русија, прецизирајќи дека царина од 25 проценти ќе биде воведена за индискиот извоз од 1 август, со дополнителни казни поради купувањето руска нафта и оружје. Индија потоа потврди дека „ги забележала“ изјавите на Трамп и дека ќе „проучи“ што точно би значело тоа.
Американскиот претседател ја опиша Индија како земја со „најтешки и најнезгодни немонетарни трговски бариери од која било земја“, додека го посочи трговскиот дефицит на САД со јужноазиската нација од 45,7 милијарди долари.
Трамп објави нови царини од 26 проценти во април, пред да го одложи нивното спроведување. Моментално, основната стапка на царински давачки за индиските производи извезени во САД е 10 проценти. Во исто време, Белата куќа постојано ја предупредуваше Индија за високите тарифи за американскиот увоз, речиси 39 проценти за земјоделските производи и понатамошно зголемување на тарифите од 45 проценти за растителните масла и околу 50 проценти за јаболката и пченката.
Најнаселената земја во светот, со 1,4 милијарди жители, Индија беше меѓу првите економски сили што започнаа трговски преговори со американската администрација пред неколку месеци, од кои првиот дел требаше да биде завршен до октомври.
„Индија и Соединетите Американски Држави се вклучени во преговори за фер, избалансиран и меѓусебно корисен билатерален трговски договор. Ние остануваме посветени на оваа цел“, соопшти индиската влада. Таа, исто така, ја изрази својата посветеност да ја заштити благосостојбата на индиските земјоделци и претприемачи.
Индија изјави дека ќе преземе сите мерки за да ги заштити своите национални интереси, како што направи при потпишувањето трговски договори со други земји, од кои најновиот беше со Велика Британија.