Трамп му вети „многу голем“ трговски договор на Џонсон по „Брегзит“
Американскиот претседател Доналд Трамп вети „многу голем трговски договор“ со Велика Британија по „Брегзит“.
Трамп го изјави ова по работниот појадок со британскиот премиер Борис Џонсон на маргините на самитот на Г7 во Биариц, Франција.
Тоа е прва средба на двајцата лидери откако Џонсон стана британски премиер.
Говорејќи пред новинарите по средбата, Трамп рече дека договорот со Велика Британија ќе биде постигнат „брзо“.
-Ќе склучиме многу голем трговски договор, поголем отколку што некогаш сме имале со Велика Британија. И во еден момент нема да имаат пречка…затоа што сега го имаат тоа, рече Трамп.
Пред своите разговори со Трамп, Џонсон рече дека има големи можности за Велика Британија на американскиот пазар. Тој исто така додаде дека САД мора да го отворат својот пазар за да се договорат за пост-брегзит трговски договор.