Трамп ја почна кампањата со лажни тврдења и рециклирани напади
Доналд Трамп ја постави сцената за најгрубата претседателска трка во САД во модерните времиња, со кампања во која рециклираше стари теми и предизвика вознемиреност кај демократите и медиумите.
Претседателот официјално ја започна својата кампања за американските избори во 2020 година, пред 20.000 луѓе во спортска сала во Орландо, во клучната држава Флорида, покажувајќи дека неговата база останува жестока како и секогаш.
Трамп потроши малку напор да понуди визија за иднината. Тој и неговите поддржувачи беа најенергизирани од неговите најголеми хитови: политиката на поплаки, демонизирање на противниците, бес против перцепцијата за неправдите. Имаше дури и повторување на нападите врз Хилари Клинтон, неговиот поразен ривал во 2016 година, заедно со бесните повици „Затворете ја!“
Неговите злобни, често фабрикувани напади подразбираат дека иако референдумот за неговото досие најверојатно ќе заврши со пораз, членовите на неговата кампања веруваат дека заплашувањето со демократ во Белата куќа може да му ја спаси кожата, пишува Гардијан.
„Замислете што ќе направи оваа лута левичарска толпа ако тие се одговорни за оваа земја“, рече Трамп. „Замислете ако имаме демократски претседател и демократски Конгрес во 2020 година. Тие ќе го затворат слободниот говор, ќе ја искористат моќта на законот за да ги казнат своите противници, што сега се обидуваат да го направат“, рече Трамп.
Тој додаде, без докази: „Тие ќе им ги одземаат на Американците нивните уставни права додека ја поплавуваат земјата со илегални имигранти во надеж дека ќе ја прошират својата политичка база“.
Трамп ги даде коментарите откако рече дека 145 судии биле назначени под неговата администрација и потсети на оспорената конфирмација на Брет Кавано на Врховниот суд. Кавано беше кредибилно обвинет за сексуален напад кога бил тинејџер. Во вторникот Трамп лажно тврдеше дека ова се измамнички обвиненија.
Следен од својата сопруга Меланија Трамп и други членови на семејството, за време на говорот кој траеше повеќе од еден час, претседателот постави план за напади за оној што ќе излезе од преполната соба на потенцијални демократски кандидати, кои следната недела ќе ги почнат нивните први дебати.
„Гласањето за кој било демократ во 2020 година е глас за подемот на радикалниот социјализам и уништувањето на американскиот сон“, рече Трамп. „Демократската партија стана порадикална и поопасна од која било точка во историјата на нашата земја“, додаде тој.
Тој лажно и диво тврдеше дека водечките демократи се залагаат за „отворени граници“. Претседателот, кој направи најмногу поделби во последниве децении, тврдеше дека демократите сакаат да ги поделат Американците во групи и да го „уништат уставот“.
Трамп, носејќи ја својата препознатлива црвена вратоврска и потпирајќи се на фебрилната атмосфера, исто така работеше на неговата позната тема „ние против нив“, ставајќи се на страната на обичните граѓани, неверојатна позиција за бизнисмен милијардер, телевизиска ѕвезда и сега претседател. „Многупати реков дека ќе го исушиме мочуриштето. Тоа е токму она што го правиме. Затоа мочуриштето се бори така злокобно и насилно“, рече тој.
„Последните две и пол години бевме под опсада“, рече тој жалејќи се на тоа дека противниците добиле слободна дозвола. Тој предупреди: „Тие навистина одат по тебе. Тоа е она за што се работи“.
Исто како и во 2016 година, Трамп ја покажа својата намера да ги напаѓа медиумите. „Патем, тоа е многу лажни вести таму“, рече тој.
Потоа имаше вообичаен бараж од претерувања и лаги. Човекот, кој ја извлече Америка од Парискиот договор за климатски промени и ги намали прописите за заштита на животната средина, објави: „Нашиот воздух и вода се најчисти од кога било“.
Тој зборуваше за економијата: „Таа се зголемува со неверојатни нови височини. Можеби најголемата економија што сме ја имале во историјата на нашата земја“. Всушност, растот достигна повисоки нивоа во 1980-тите и 1990-тите години. Трамп, исто така, лажно тврди дека направил најголемо намалување на даноците во американската историја.
Но имаше и опозиција. Стотици демонстранти против Трамп аплаудираа и се сликаа пред повеќеметарско бебе Трамп во пелена како балон во близина на арената.
Демократскиот кандидат Берни Сандерс веднаш го отфрли говорот на Трамп сумирајќи го како „лаги, искривувања и апсолутна бесмислица“. Тој го критикуваше Трамп дека едвај зборуваше за климатските закани или дека половина од луѓето во оваа земја живеат едвај од плата до плата. ()