Трамп денеска најверојатно ќе ја именува Ејми Кони Барет за судија на Врховниот суд на САД
САД– Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува денеска да ја назначи Ејми Кони Барет за судија на Врховниот суд на САД испразнетото место по смртта на судијката Рут Бадер Гинзберг, со што се очекува да го зголеми конзервативното мнозинство во судот на помалку од шест недела пред претседателските избори.
Бројни американски медиуми, вклучувајќи ги Си-Ен-Ен и Њујорк Тајмс, повикувајќи се на анонимни извори, соопштија дека Трамп има намера денеска да соопшти дека Барет е неговиот кандидат за местото во судот.
Тие, сепак, предупредија дека се додека Трамп и официјално не го објави својот избор, постои можност да се предомисли во последен момент.
Гласот на Америка не можеше да ги потврди извештаите во медиумите дека Трамп се одлучил за Ејми Кони Барет.
Трамп кажа дека повторно ќе номинира жена за наследник на Гинзберг, која почина минатата недела на 88-годишна возраст.
Берет, конзервативен судија на Апелациски суд, е фаворит за оваа позиција, но и судијката Барбара Лагоа. И двете претходно токму од Трамп беа назначени за судијки на федерални Апелациски судови.
Одлуката на претседатиелот да назначи нов судија пред изборите, на која тој ќе се натпреварува со поранешниот потпретседател Џозеф Бајден, веднаш предизвика жестока политичка битка во Вашингтон.
Републиканските лидери во Сенатот тврдат дека процесот на потврда треба да се одржи што е можно поскоро, а демократите тврдат дека процесот на номинирање треба да се одложи се додека не се дознае победникот на претседателските избори во ноември.
Позицијата судија на Врховниот суд е доживотна, а влогот е идеолошката ориентација на највисокиот суд во земјата.
Пред смртта на Гинзберг, судот имаше конзервативно мнозинство од пет наспроти четири. Доколку Сенатот потврди нов конзервативен судија да ја замени Гинзберг, тоа мнозинство ќе биде од шест наспроти три.