Трајко Вељаноски и Спиро Ристовски наскоро во судница?


По повеќе од две години од „крвавиот четврток“ на 27 април 2017 година, кога толпа народ упадна и тепаше пратеници и новинари, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против оние што го организирале, односно го нарачале упадот. Иако на врвот на пирамидата во организацијата на упадот е поранешниот премиер, Никола Груевски, сепак обвинителството ја запре постапката против него и против поранешниот разузнавач, Никола Бошковски, бидејќи двајцата се во бегство. Груевски е азилант во Будимпешта, а Бошкоски е во Грција.

За нив постапката е запрена до нивно пронаоѓање, што значи дека доколку Судот го прифати обвинението и почне судски процес, ним нема да им се суди во отсуство. Од обвинение не се спасија поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кривично дело за кое е предвидена затворска казна од најмалку десет години. Од обвинетите што се во Македонија, единствено Јанакиески е обвинет во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство, а за другите ова е прво обвинение. Вељаноски и Атанасовски беа повикани како сведоци на судењето за 27 април, но ако судот го одобри обвинението, наскоро ќе седнат и на обвинителна клупа.

Обвинителството собрало докази дека сценариото било планирано уште на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање на Влада. Целта била да се спречи мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство. Затоа обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите и на движењето „За заедничка Македонија“, што кулминираа со насилно влегување во Собранието. Тие ги вклучиле цела партиска структура и пари и свесно го намалиле бројот на полицајци за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

На 27 април 2017 година, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, според обвинителството, поранешните министри Ристовски и Јанакиески континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови за да влезат насилно во Собранието. Тие знаеле дека Собранието не е соодветно обезбедено и дека пречките за влез ќе бидат отстранети.

Во исто време, Бошковски со возило на УБК, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена борец“ донел оружје и панцирни елеци за дел од демонстрантите. Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, за да ги скрие трагите, им наредил на двајца вработени во Собранието да ги извадат хард-дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности, обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.

Во соопштението не е воопшто споменато какви дејствија извршил Груевски. По барање на Обвинителството, Кривичниот суд на Ристовски и Атанасовски мерката притвор им ја замени со куќен притвор и двајцата излегуваат од Шутка, а на Јанакиески му го продолжи куќниот притвор.

Вељаноски од притвор го спаси пратеничкиот имунитет и тој во Собрание претседава со Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Како и во секој случај, Советот за оценка при Кривичниот суд ќе одлучува дали ќе го прифати обвинението и ако биде прифатено, ќе почне судскиот процес за овој случај.

За крвавиот упад во Собрание, кој го следеше целата македонска јавност во живо, беа осудени 16 лица на над 200 години затвор. Меѓу нив највисок функционер кој беше осуден е поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Другиот дел обвинети беа помилувани со Закон за амнестија кој беше изгласан во Собрание. Расчистувањето на овој случај се најде и во последниот извештај на Европската комисија. Во него е нотирано дека се истражува одговорноста за оние што извршиле насилство во Собранието  и оние што ги организираа инцидентите. Во извештајот е споменат и Законот за амнестија, а Европа потенцира дека Законот не предвидува неказнивост за организаторите и насилниците. Од ова може да се заклучи дека целиот процес на амнестија бил во координација и под будното око на европските бирократи. Амнестираните пратеници на власта ѝ ги донесоа потребните гласови за Преспанскиот договор со кој се промени името на земјава. Овој договор за Европската Унија е најголемиот успех за земјава. (Ф.Ф.С.)