Трагедија во Драч: Пијан возач усмрти две деца додека си играле на тротоар, трето се бори за живот


Трагичен настан, што се случи во пристанишниот град Драч,  ја вознемири албанската јавност, кога возач кој управувал возило под дејство на алкохол удрил во деца додека играле на тротоар.

Од ударот на местото на несреќата починале две деца на 10 и 13 години, додека едно на 8- годишна возраст се бори за живот на клиниката за трауматологија во Тирана. Четвртото дете кое било со нив е неповредено.

Возачот Никол Радачи (57)  го напуштил местото на несреќата веднаш по инцидентот, оставајќи го возилото, но подоцна бил уапсен од полицијата.

При апсењето рекол „убијтеме, не заслужувам да живеам ги зедов на душа децата”.

-Едно од децата што го загуби животот  и тешко повреденото се братчиња, додека третото дете им е братучед. Неговите родители се во Италија на лекување од канцер на неговиот татко а дома со него била неговата сестра, објавија медиуми пренесувајќи изјави на соседите.

Соседите исто така тврдат дека  возачот,  Радачи, кој живеел во истиот дел на Драч, бил познат како проблематично лице, извршувал опасни маневри со автомобилот и консумирал алкохол.

По трагичниот настан, што се случи вчера доцна попладне, реагираа државниот врв, политички партии, министри кои изразија длабоко сочувство до семејствата.

Премиерот Еди Рама упати апел до  медиумите и порталите на поголема одговорност и чувствителност во известувањето за настанот.

„Должност на сите, но особено на медиумите, е да покажат воздржаност, чувствителност и одговорност“, напиша тој на социјалните мрежи, додавајќи дека објавувањето на “морничави слики не е информирање, туку само ја зголемува болката на погодените семејства”.