Тозиевски: Регионалната депонија е приоритет, ќе се расчистуваат 40 диви депонии во Преспа


Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, најави сериозни активности за заштита и унапредување на животната средина во преспанскиот регион, со фокус на расчистување на дивите депонии и воспоставување на регионално решение за отпадот.

Во гостување на „Сител поткаст“, тој истакна дека преку соработка со Европската Унија, УНДП, невладините организации и самата општина започнува проект за чистење на теренот.„Детектиравме околу 40 диви депонии. Првиот повик за избор на фирма која ќе постапува на тие локации е веќе објавен. По нивното расчистување, планираме тие места да се оплеменат со детски паркови, клупи или други содржини, за да ја подигнеме јавната свест и да се искорени навиката за фрлање отпад“, изјави Тозиевски.

Тој додаде дека Општината ќе продолжи институционално да настапува со редовен надзор и мониторинг на просторот, за да се спречи повторно создавање на вакви жаришта на отпад.

Осврнувајќи се на долгорочното решение, Тозиевски ја најави регионалната депонија како најголем и најзначаен проект за Преспа.„Селекцијата на отпадот и негов транспорт во регионалната депонија е иднината за зачувување не само на Преспа, туку и на целата држава и животната средина. За многу скоро ќе ги видиме и првите чекори и резултати“, нагласи тој.

Со овие активности, Општина Ресен ја поставува заштитата на природата како еден од врвните приоритети, со јасна порака дека зачистена и уредена Преспа е клуч за подобар животен стандард на жителите и привлечност на регионот.