Тошковски го ослободил бодигардот на Мицкоски кој тепаше полицаец, тврди СДСМ
МВРО-ВМРО се враќа на голема врата, тврди опозициската СДСМ, наведувајќи го случајот со телохранителот на премиерот Христијан Мицкоски кој натепал полицаец.
„Министерот Панче Тошковски го ослободил од одговорност полицаецот Ивица Бисовски од обезбедувањето на Христијан Мицкоски, кој тепаше друг полицаец пред кафе барот ‘Мош’ во Скопје.
Сериозниот инцидент се случи во февруари 2024 година, а натепан беше полицаец, инспектор во НТШ додека спроведувал акција против дрога. Беше поведена дисциплинска постапка и комисија а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави.
Се случи спротивно. Тошковски го ослободува Бисовски„, рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободил бодигардот на Мицкоски од одговорност.
Кузеска ги цитираше зборовите на Тошковски од 19 февруари како технички министер: „Одреден припадник на МВР сторил насилство со што ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија“.
„Министре Тошковски вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте честа и угледот на целото МВР, на сите полицајци.
Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој изеде ќотек пред кафе барот ‘Мош’ воопшто не ви е грижа“, рече Кузеска и побара одговор која била вистинската причина поради што е ослободен Бисовски.