Тошковски до новинарот Салиу: „Лажете господине Фуркан“

Министерот „лично видел“ дека имало напад од Салиу врз службено лице, а доколку немало ќе му се извинел на новинарот


 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и вчера приведениот новинар Фуркан Салиу, денеска се соочија за време на изјава на министерот.

„Според службените белешки двете службени лица велат дека има физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност, има напад по долни екстремитети“, рече Тошковски.

Тој директно го праша Салиу дали имал физички контакт со полицајците пред да го приведат?
Според новинарот такво нешто немало ниту во еден момент, по што Тошковски рече „Лажете господине Фуркан“

Тошковски вели дека „лично видел“ на снимката доставена до него – спречување на полицаец во својата работа. Според него, никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар.

Најавено е дека внатрешна контрола ќе го истражи случајот согласно надлежностите и во целост ќе бидат испитани сите дејствија.

Според Тошковски, дошло до пресметка на навивачки групи во Средно Коњари каде што имало натпревар од Третата фудбалска лига, каде што бил и новинарот Салиу. Од друга страна, тој денеска го запраша Тошковски дали добил информација како бил пронајден неговиот пиштол и по која основа е претресено неговото возило, без негово присуство.

„Извршен е преглед на вашето возило. Лицето има дозвола за поседување, но таквото оружје не смее да биде во рамки на возило на предметното место во селото. Точно се знае согласно закон како се поседува и како се транспарторира од едно до друго место и како се носи. Станува збор за прекршок во однос на начин на поседување. Многу битно е пиштолот да го чувате дома, а не во своето возило. Доколку биде расчистено дека нападот не се случил, ќе ти се извинам“, му одговори министерот на Салиу, најавувајќи соодветна пријава најмалку кон две лица.