Топлотниот бран „Кербер“ ја зафати јужна Европа
Топлотниот бран „Кербер“ веќе зафати делови од јужна Европа и северозападна Африка, а во наредните денови можни се рекордни температури, јави Би-Би-Си. Се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција. Во Италија температурите можат да достигнат до 48,8 степени Целзиусови. Во 10 градови, вклучувајќи ги Рим, Болоња и Фиренца, е издадено црвено предупредување.
„Се соочуваме со неподнослив топлотен бран“, напиша на Твитер италијанскиот политичар Никола Фратојани.
Топлотниот бран „Кербер“ – именуван од Италијанското метеоролошко друштво по чудовиштето со три глави што се појавува во пеколот на Данте – се очекува да донесе екстремни услови во текот на следните неколку дена.
Шпанија со денови гореше на температури до 45 Целзиусови степени, а во текот на ноќта температурите во поголемиот дел од земјата не паднаа под 25 степени. Сателитска снимка направена од мисијата Коперник Сентинел покажа дека температурата на земјата во регионот Екстремадура достигна 60 степени Целзиусови во вторникот.Се очекува жештината да достигне врв во петок, а според Би-би-си, големи делови од јужна Европа би можеле да забележат температури од околу 40 степени – а можеби и повисоки.
Топлото време најверојатно ќе продолжи и во текот на викендот, а температурите во Прага, главниот град на Чешка, во сабота ќе достигнат 36 Целзиусови степени, според Би-Би-Си – многу над јулскиот просек од 24 степени Целзиусови. Но, италијанските синоптичари предупредуваат дека следниот топлотен бран, наречен Харон по чамецот кој ги однел душите на мртвите во подземјето, ќе ги врати температурите до 43 Целзиусови степени во Рим и можни 47 степени на островот Сардинија. Инаку, највисоката температура во Европа од 48,8 степени е забележана во близина на Сиракуза на италијанскиот остров Сицилија во август 2021 година.
Повеќе од 60.000 луѓе починаа во Европа како последица на горештините минатата година. Се стравува дека топлотниот бран може да предизвика уште многу смртни случаи ова лето. На шпанскиот остров Мајорка, телефонската линија за итни случаи мораше да се справи со повеќе од еден случај на топлотен удар секој ден од мај.