Тони Коњановски победи во првиот круг во Битола, мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ во Советот
Актуелниот градоначалник Тони Коњановски победи во првиот круг од локалните избори во Битола. Мнозинство од 16 советници во Советот се очекува да има ВМРО-ДПМНЕ.
Неофицијално, според информации од штабот на Коњановски тој освоил 18.753 гласови или безмалку 51 процент од бројот на излезени гласачи. Далеку зад него по бројот на гласови е кандидатот на „Поинаку“ Габриела Илиевска со освоени околу 7.900 гласови, додека на трето место е кандидатот на СДСМ Методија Куновски со околу 6.100 гласови. На четврто место по бројот на гласови се неважечки ливчиња и се движат околу 2.100. Потоа по бројот на гласови следуваат независниот Зоран Николовски поддржан од Левица, Јорго Огненовски, Васко Деловски, Мирјана Мирчевски и Ќире Димов.
Што се однесува до освоените советнички места, неофицијално тука мнозинство од 16 советнички мандати очекува ВМРО-ДПМНЕ со освоени околу 15.700 гласови, зад нив е СДСМ со 5 мандати и освоени 5.350 гласа, Па следува „Поинаку“ со 4 мандати и Левица со два мандати. По еден мандат освојуваат ЛДП, новоформираната Граѓанска иницијатива ГРИН, ЗНАМ и ДУИ.
Во Општина Битола на гласање излегоа 36.816 гласачи. (А.Б.)