Тивко и тажно е во Кочани еден ден по трагичниот пожар (фото)


Фото: Б. Грданоски

Тажно и непрепознатливо е Кочани еден ден по трагедијата со пожарот што го разбуди градот. Полупразни се улиците, без многу посетители во кафулињата и рестораните, го нема вообичаениот џагор во училишните дворови и во детските паркови.

Граѓаните мирно и достоинствено, во Паркот на Револуцијата палат свеќи и носат цвеќе, оддавајќи им почит на жртвите во трагедијата.

Фото: Б. Грданоски

– Се молиме за спас на душите на сите кои настрадаа, но и за што побрзо оздравување на повредните кои се низ болниците во државата и во странство. Практично нема човек кој во несреќата нема починат или повреден син, ќерка, близок роднина или сосед. Тешко и мачно е, ќе мора да живееме со овој длабок белег во душата, истакна Александар Крстов, жител на Кочани.

Фото: Б. Грданоски

Претпладневo e празен и кругот на Општата болница во Кочани, откако сите повредени се пренесени на лекување во клиниките во Скопје.

Фото: Б. Грданоски

На состанок на стручниот колегиум во Општина Кочани донесени се препораки за активности во наредниот период. Со донесената одлука за седумдневна жалост, откажани се сите настани од забавен, културен и спортски карактер.

Фото: Б. Грданоски

Упатена е препорака до комуналното претпријатие „Водовод“ за проширување на парцелите во Градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот, како и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на претпријатието.

Фото: Б. Грданоски

Во соработка со општинската организација на Црвен крст – Кочани отворена е Отворена е донаторска сметка на која може да се примаат донации за повредените и настраданите. Од општинскиот буџет на оваа сметка на Фондот на солидарноста на Црвен крст на РСМ ќе се издвојат три милиони денари. Се очекува и посебна седница на Советот на Општина Кочани.

Во соработка со Брегалничката епархија и Црковниот храм „Свети великомаченик Георгиј“ донесена е одлука црковните обреди за покој на починатите во трагедијата да не се наплаќаат. 

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски