Тежок пораз на Русија во Генералното собрание на ОН – само четири земји ја поддржаа Москва

ОН со мнозинство од 141 држава гласаа за резолуција со која се жали за руската инвазија на Украина. Москва ја поддржаа само Белорусија, Северна Кореја, Еритреја и Сирија


Резултатите од гласањето во ОН

 

Обединетите нации со големо мнозинство гласаа за резолуција со која се жали за руската инвазија на Украина и повикаа на итно повлекување на нејзините сили, како глобален израз на бес што ја истакна зголемената изолација на Русија.

На вонредната седница на Генералното собрание на ОН, 141 од 193 земји-членки гласаа за резолуцијата, 35 беа воздржани и пет гласаа против. Освен самата Русија, за поддршка на Москва гласаа уште Белорусија, Северна Кореја, Еритреја и Сирија. Интересно е што меѓу оние што гласаа „за“ резолуцијата е и Србија – најголемиот сојузник на Русија на Балканот.

Меѓу оние што апстинираа се Кина, Индија и Пакистан, потоа таму се Иран, Ирак, Куба, има повеќе африкански земји, како Јужна Африка, Алжир, Мали, Мадагаскар, Конго, Зимбабве… Меѓу воздржаните се и четири поранешни републики од поранешниот Советски Сојуз. Некои од државите воопшто не гласаа за да го избегнат своето изјаснување – како Азербејџан, Туркемнистан, Узбекистан, Либан, Мароко, а и Венецуела.

Во резолуцијата, која беше ко-спонзорирана од 94 земји, се вели дека ОН „најостро изразуваат жалење за агресијата на Руската Федерација против Украина“. Таа бара „Руската Федерација веднаш да престане со употребата на сила против Украина“ и „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили“.

Резолуцијата не е правно обврзувачка, туку е израз на ставовите на членството во ОН, со цел да се зголеми притисокот врз Москва и нејзиниот сојузник Белорусија.

Во петокот, Русија беше единствениот глас против слична резолуција во Советот за безбедност, но бидејќи Русија е една од петте сили со право на вето, резолуцијата не беше потврдена, па сојузниците на Украина го предадоа прашањето на Генералното собрание.

Тоа е прв пат по 40 години, Советот за безбедност да упати криза до собранието и само 11-ти пат да се свика итна седница на Генералното собрание на ОН од 1950 година.

Тоа беше повикано според резолуцијата „обединување за мир“, во која глобалните закани се упатуваат на телото „ако Советот за безбедност, поради недостаток на едногласност на постојаните членки, не ја искористи својата примарна одговорност да дејствува како што се бара за одржување на меѓународната мир и безбедност“.