Тетово, Куманово и Кавадарци во „црвено“ со загадувањето, Владата препорача мерки

Фото: Б. Грданоски

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на  воздухот, прагот на алармирање за PM10  загадувачки супстанции  е надминат на мерните места во Тетово, Куманово и Кавадарци.

Од страна на МЖСПП доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот. Затоа, Владата донесе одлука да стапат во сила соодветни препораки и мерки:

• Да се препорача на работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.

• Да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.

• Да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

• да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Притоа Владата ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и да се обезбеди ограничување на работите на градежните објекти. 

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и единиците за локална самоуправа треба да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да  дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство треба да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина треба да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави препорака до инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

ЕЛС се должни да ги спроведат мерките пропишани во краткорочните планови или краткорочните мерки донесени на Советите на општините.