Тешкиот чекан на демократијата

Дали Америка навистина уште е светилник на демократијата? Измамничките прекројувања на изборните конгресни мапи покажуваат дека нема ништо поважно од партискиот интерес


Поранешниот американски претседател Барак Обама во еден разговор со прославената новинарка Кристиане Аманпур рече дека „демократијата ќе победи ако се бориме за неа“. Ако Обама верува дека за демократијата треба постојано да се бориш, па дури и во неговата државата, за која се смета дека има најголема демократска традиција на планетава, тогаш што треба да се каже за другите земји наоколу. И на двата американски континенти и во Европа и во Азија. Навистина, демократијата е во сериозна опасност од поткопување, дури и таму каде е модерно родена.

Она што се случува во Америка последниов месец околу прекројувањето на изборните единици за среднорочните избори за Претставничкиот дом во 2026 изгледа фрапантно, затоа што целиот процес е толку партизиран, а претставниците на републиканците и демократите дури и отворено го кажуваат тоа. Републиканците, по задача на претседателот Доналд Трамп, први ја почнаа таа измамничка игра во Тексас, а демократите возвратија со иста мерка во Калифорнија.

Ова е извонреден пример како удира тешкиот чекан на демократијата целосно во интерес на партијата. И тоа е дозволено. Приказната и политичката битка е возбудлива затоа вреди да се раскаже.

Прекројувањето на изборната мапа е познато како геримандеринг. Тоа не е оригинален збор од англискиот јазик, туку кованица смислена во 1812 година за да го означи јавното манипулирање со изборната мапа. Тогашниот гувернер на Масачусетс, Елбриџ Гери (кој подоцна стана и потпретседател на САД) го потпиша законот со кој се креираа партиски изборни единици за конгресмени во областа на Бостон, кои преку политичка карикатура беа споредени со митолошкото животно саламандер. Терминот за прв пат беше употребен во весникот „Бостонска газета“ и веднаш доби негативни конотации и геримандерингот (кованица од презимето Гери и животното саламандер) секогаш се сфаќа како корупција на демократскиот процес. Елбриџ Гери ги загуби изборите за гувернер, но неговата Демократско-републиканска партија ги доби гласањата за државниот сенат токму поради прекројувањето на изборните дистрикти.

Па, како оди таа политичка корупција во земјата која вели дека е светилник на демократијата?

Во средата, Претставничкиот дом на Тексас, контролиран од републиканците ја одобри прекроената конгресна мапа побарана од Трамп за да не ги загуби среднорочните избори во ноември 2026, а спикерот Дастин Бароус гордо удри со чеканот на масата да каже дека најпосле неговата партија победи во комплицираната битка. Републиканците имаат мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот, но демократите две недели се бореа да не влезат во салата за да не обезбедат двотретински кворум. На крајот, попуштија откако им стигна помош од – Калифорнија. Потоа мерката отиде во Сенатот, а потоа ќе оди на потпис кај гувернерот Грег Абот, исто така републиканец.

„Голема ПОБЕДА за Големата држава Тексас!!! Сè помина, на пат кон ПЕТ места во Конгресот и спасување на вашите права, вашите слободи и самата ваша земја“, се пофали Трамп на социјалните медиуми. „Тексас никогаш не нè разочарува. Флорида, Индијана и другите сакаат да го сторат истото“.

Партиски одмазди во Тексас и Калифорнија

Гласањето во Претставничкиот дом го заокружи драматичниот протест што започна минатиот месец, кога група демократски државни пратеници го напуштија конгресот за да го одложат гласањето за законот за промени на дистриктите. Тие се откажаа од својот егзил оваа недела, откако законодавниот дом на Калифорнија започна со смена на законот за прераспределба на областите со која демократите на изборите 2026 ќе добијат уште пет сигурни конгресмени за да ги надокнадат петте што веројатно ќе ги загубат во Тексас.

Над 50 демократски пратеници го напуштија Тексас претходно овој месец и отидоа во Илиноис, Њујорк и Масачусетс во обид да го одложат усвојувањето на конгресната мапа што ја побара претседателот Доналд Трамп само четири години откако републиканците последен пат ги прецртаа изборните граници во државата, а која е дизајнирана да ѝ даде на Републиканската партија пет дополнителни места во Претставничкиот дом на САД.

Во невиден одговор, републиканските државни лидери издадоа граѓански налози за апсење, презедоа мерки за екстрадиција на отсутни членови од Илиноис, започнаа истраги. Пратениците кои беа во државниот конгрес доколку сакаа да ја напуштат салата мораа да имаат полициска придружба. „Подготвени сме да се сретнеме со Трамп таму каде што е, односно на макадам“, рече демократката Никол Колиер, емитувајќи во живо од тоалетот од законодавниот дом, каде што спиеше во знак на протест. На разговор преку Зум со демократскиот сенатор Кори Букер од Њу Џерси Колиер рече дека ѝ било кажано дека мора да го прекине преносот во живо или ќе се соочи со обвинение за кривично дело, по што нагло го прекина разговорот.

„Овој закон намерно дискриминира црнци и латиноамериканци од Тексас и други обоени тексашани со кршење и преполнување на малцинските заедници низ целата држава Тексас“, рече Крис Тарнер, демократски претставник.

Во петокот попладнето во расправата во државниот сенат, сенатор Фил Кинг, предлагачот на мерката, жестоко ги негираше обвиненијата за легалноста на предлогот, при што многумина тврдеа дека прекроените области го прекршуваат Законот за право на глас со разводнување на влијанието на гласачите врз основа на раса.

„Имав две цели на ум: Сите мапи да бидат легални и да бидат подобри за републиканските конгресни кандидати во Тексас“, рече Кинг. Едноставно и директно партиски.

Со оваа нова изборна мапа републиканците би стекнале контрола контрола на 30 од 38-те конгресни области во Тексас. Новата мапа ги заменува неколкуте области каде што Хиспанците и другите гласачи со различна боја на кожа ги избираа демократите, со области каде има мнозинство Хиспанци кои им се наклонети на републиканците.

Демократите можеа да возвратат на овој удар само во најнаселената држава – Калифорнија, која е целосно политички во нивни раце. Па гувернерот Гевин Њусом веднаш почна акција за редистрибуција на конгресните места за демократите да добијат пет дополнителни места.

Во вторникот, планот за Калифорнија ја доби поддршката на претседател Барак Обама, кој рече дека тоа е „одговорен“ одговор на она што го прави Тексас. Во четвртокот Калифорнија ја усвои новата изборна мапа, беше потпишана од гувернеро Њусом, но мора да оди на референдумско одобрување на гласање во ноември, на кое речиси сигурно ќе помине. Републиканците таму поднесуваа тужби во судовите дека ваков геримандеринг бил политички коруптивен. Тие можат да го прават тоа во Тексас, но не смеат да го прават демократите во Калифорнија. Врховниот суд на државата во средата го отфрли нивното барање за интервенција.

Републиканците во Претставничкиот дом имаат тесно мнозинство од само седум пратеници и Трамп се плаши дека може да го загуби тоа во 2026 и неговата законодавна агенда да биде поткопана или ограничена.

Демократите држат 43 од 52 места во Претставничкиот дом на САД во Калифорнија. Предлогот ќе се обиде да ја прошири таа предност со таргетирање на борбените области во Северна Калифорнија, окрузите Сан Диего и Оринџ и Централната долина. Со новите пет места, на републиканците би им останале само четири сигурни конгресмени.

Овој quid pro quo сосем веројатно нема да запре на Тексас и Калифорнија. Трамп веќе дели задачи геримандерингот да се направи и во Флорида, Индијана, Мисури… Законски, дозволено е да има прекројување на изборните единици еднаш во десет години во зависност од резултатите од пописот. Но, ни демократијата ни законите не се почитуваа ни во Тексас ни во Калифорнија. Партискиот интерес е посилен од сѐ.

Државите како „агенти“ на Трамп

Но тешкиот чекан не удира врз демократијата само во прекројувањето на изборните единици. Претседателот Доналд Трамп сака да го прекори и самиот начин на гласањето и да им ги одземе правата на државите кои се загантирани со уставот.

Во понеделникот тој најави дека ќе потпише извршна наредба насочена кон отстранување на гласачките ливчиња по пошта и машините за гласање. Таа извршна наредба можеби не ќе може да се оствари поради законските пречки, но е поучна на еден начин: Трамп јасно стави до знаење дека претседателот избран да ја предводи партијата која се бори за правата на државите има многу малку почит кон правата на државите. Всушност, тој ги презира.

Додека ја продаваше својата нова идеја за отстранување на гласањето по пошта и машините за гласање, Трамп ги кажа овие извонредни реченици.

„Запомнете, државите се само ‘агент’ за федералната влада во броењето и сумирањето на гласовите“, напиша Трамп на Truth Social. „Тие мора да го прават она што им го кажува федералната влада, претставена од претседателот на Соединетите Американски Држави, ЗА ДОБРОТО НА НАШАТА ЗЕМЈА“.

Трамп ги опиша државите како „агенти“ на федералната влада и претходно во овој контекст, но без да ги нарече потчинети нему лично.

Американскиот устав вели дека „времето, местото и начинот на одржување избори… ќе бидат пропишани во секоја држава од страна на нејзиното законодавно тело“. Конгресот има улога, бидејќи Уставот вели дека може да „донесува или менува такви регулативи“. Но, нема улога за претседателот.

И Трамп не вели дека Конгресот треба да го забрани гласањето по пошта или машините за гласање. Наместо тоа, тој вели дека државите „мора“ да се ослободат од нив затоа што тој им кажува – очигледно затоа што бил избран за претседател и затоа што утврдил дека тоа е „ЗА ДОБРОТО НА ЗЕМЈАТА“.

Ова е само последното во долгата низа драстични претензии на Трамп за власт.

Тој често тврдеше за време на неговиот прв мандат дека Уставот му дава апсолутна моќ. Дури и кога не беше на функција, тој предлагаше укинување на делови од Уставот, повторувајќи ги своите лажни тврдења дека изборите во 2020 година биле наместени. И претходно оваа година, тој објави цитат што често му се припишува на Наполеон Бонапарта, сугерирајќи дека неговите постапки не можат да бидат нелегални сè додека дејствува за да ја „спаси“ земјата.

Кога Трамп беше избран за прв пат во 2016 година, платформата на Републиканската партија посвети цел дел на својата очигледна посветеност на правата на државите. Во неа се вели дека федералната влада не треба да има никакви овластувања надвор од оние што се конкретно наведени во Уставот. Платформата, исто така, го осуди „малтретирањето на државните и локалните самоуправи“, очигледно алудирајќи на администрацијата на Обама.

Трамп сега презеде уставно ризични извршни мерки што се обидоа да го поткопаат авторитетот на државите.

Што е уште пострашно за американската јавност, Трамп по средбата со Путин во Алјаска во претседателскиот авион во интервју со омилениот новинар Шон Ханити од Фокс њуз, објаснуваше дека рускиот претседател во разговорот му рекол оти изборите во 2020 му биле украдени и дека во таа кражба улога одиграле и гласовите  по пошта и електронските машини за гласање. Само два дена подоцна Трамп ги претстави овие зборови на Путин преку најавата за извршна наредба околу гласањето. Некои работи изгледаат толку неверојатни што нема зборови како да се објаснат.

Дали емпатијата е грев?

Чудни работи се случуваат во Америка. Почудни отколку што многумина си замислувале дека можат да се случат. Судскиот систем можеби е многу силен, но демократијата во нејзиното јадро се поткопува само за партиски или олигархиски интерес.

Но не се само партиските злоупотреби на демократијата за да се зацврсти власта. И други вредности, надвор од демократијата, почнаа да се доведуваат во прашање. Сега во Трамповата Америка се зборува и дека епматијата била грев. Некои конзервативни христијани почнаа да водат јавна битка за да го докажат тоа.

Емпатијата обично се смета за доблест, клуч за човечката пристојност и љубезност. И сепак, со зголемен моментум, гласовите од христијанската десница проповедаат дека таа станала порок.

За нив, емпатијата е орудие за левицата: Таа може да ги манипулира грижливите луѓе да прифатат секаков вид гревови според конзервативната христијанска перспектива, вклучувајќи пристап до абортус, ЛГБТК+ права, нелегална имиграција и одредени ставови за социјалната и расната правда.

„Емпатијата станува токсична кога ве охрабрува да го потврдите гревот, да ги потврдите лагите или да поддржите деструктивни политики“, вели Али Бет Стаки, водителка на популарниот поткаст „Relatable“. Таа е еден од двајцата евангелисти кои објавија книги во изминатата година во кои изнесуваат христијански аргументи против некои форми на емпатија.

Другиот е Џо Ригни, професор и пастор кој ја напиша книгата „Гревот на емпатијата: Сочувството и нејзините фалсификати“.

Овие аргументи против емпатијата добија на интензитет во првите месеци од вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, со неговата низа извршни наредби што критичарите ги осудија како недостаток на емпатија.

Кога странската помош беше укината и започнаа повеќе депортации, тогашниот советник на Трамп, Елон Маск, му рече на поткастерот Џо Роган: „Фундаменталната слабост на западната цивилизација е емпатијата“.

Ова е критична тема, но за тоа во некој друг текст.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)