Тешка ноќ за Аеродром и Ново Лисиче
Пожарот во депонијата Вардариште ги претвори двете населби во Скопје во „гасна комора“, а решение буквално никој не нуди
Изминатата ноќ беше исклучително тешка за жителите на Аеродром и Ново Лисиче. Иако се научени на енормно загадување, пожарот во депонијата Вардариште ги претвори двете населби буквално во „гасна комора“. Дилемите – може ли и каде да избегаат од неподносливата смрдеа и отровите, како да ги заштитат децата од страшните последици, колку вакви ситуации можат да издржат и има ли смисла веќе живеењето во вакви услови – многумина утрово ги направи да се чувствуваат безнадежни и немоќни. Ова не е првпат и нема гаранција дека нема да се повтори, и нема ни надеж дека бргу ќе се реши и дека овие населби, замислени и проектирани да бидат зелени и по човечка мерка за живеење, нема и натаму да бидат девастирани од неспособноста, од неодговорноста и од корупцијата на локално и на државно ниво.
Пожарот во Вардариште беше само епилог на исто така тежок викенд за цело Скопје, кога невремето предизвика неколку пожари истовремено, меѓу кои и тој околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Ај, што службите немаат капацитет брзо да ги гасат пожарите (бидејќи немаат доволно опрема и е застарена) па чадеше од неколку страни, туку летаа и отворени контејнери, а ветерот не носеше само гранки и покриви, туку носеше и купушта ѓубре што го има во изобилие низ градските населби, вклучувајќи ги Аеродром и Ново Лисиче.
По намаленото ниво на вода (поради масовната урбанизација без план и смисол), по прекинот на струја (поради пожарот во Вардариште), без зеленило (поради неактивност на службите низ населбата има само трње и сува трева што „плачат“ да изгорат), а со кеси, картони, празни пластични шишиња, остатоци од храна и други отпадоци – Вардариште станаа цел Аеродром и Ново Лисиче, па и цело Скопје. Институциите веројатно си славеа Голема Богородица, а тие што треба да раководат на локално ниво веројатно се подготвуваа за кампањата за избори во која повторно ќе ветат дека од сите населби ќе направат зелени и хумани места за живеење, иако на крајот на мандатот успех е и ако купат десетина нови контејнери, бидејќи приоритет им се спортските сали и други објекти кои потоа завршуваат кај приватни бизнисмени.
По она што ни се случи изминатите два дена клучното прашање беше – ни дојдоа ли пожарите пред домовите, во самиот град? Треба ли граѓаните сами да ги преземат овластувањата и да се справат судски со сите што се нарекуваат локална власт, а веќе три децении и повеќе од убави места за живеење ги претворија општините во места опасни по здравјето и животот, што може да се документира и со статистиките за болестите. Со оглед на тоа дека градскиот јавен превоз одамна е недостоинствен и тешко функционира, дека низ сите населби се издига прашина од претераната урбанизација, дивоградби се градат до самите улици, на десет згради има по три четири контејнера за ѓубре, погледот на половина Водно е покриен само со еден објект, а власта нѐ теши дека нема да има свадби на новата кула на врвот, додека за кејот веќе се подготвува „живот“, т.е. урбанизација, останува уште да снема греење и да ставиме – крај на „програмата“.
Медиумите утрово направија хронолошки список на сите ветувања дадени досега од победниците на локалните избори што се поврзани со Вардариште, а кои не само што не се остварија, туку проблемот е дополнително се влошува. Па, така, Коце Трајановски како кандидат за градоначалник на Скопје во 2014 година ветувал „нова намена“ на Вардариште – наводно негово запечатување, ремедијациски технологии, собирање гас и постројка за енергија. Што е реалност од сето тоа знаеме, но неговата партија деновиве се продава под мотото „остварува“. Место тоа, иако не стоеше како ветување, се изгради „Скопје 2014“ и беше приватизирана „Дрисла“, која потоа увезуваше отпад за да прави профит на сметка на жителите во Скопје, поедноставно кажано – ги труеше за профит.
И наредните години темата Вардариште се користеше како предизборен трик и се најавуваа некакви студии за нејзино решавање, иако таква студија веќе постоеше и не се имплементираше. Во 2021 Петре Шилегов како градоначалник изјави дека Градот нема пари за целосна санација на депонијата и затоа ќе се обезбеди само „примарна заштита“ – додека се бара модел за финансирање. Во 2021 година Данела Арсовска и Тимчо Муцунски (како кандидат за градоначалник на Аеродром) ветуваа дека ќе се гради мега парк од 100.000 м² во општината и дека ќе се исчистат сите диви депонии, додека Бобан Стефковски , градоначалник на Гази Баба конкретно ветуваше дека ќе направи „спортски и рекреативен центар на Вардариште“.
Во реалноста, Арсовска беше блокирана од ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет и едвај нешто оствари од ветувањата, Муцунски го остави Аеродром во долгови и во ѓубре, а спортскиот центар на Стефковски никаде го нема. На овие избори, пак, сите бегаат од крупните проблеми, а пред сѐ од прашањето дали ќе стават крај на претераната урбанизација, додека Вардариште уште никој не го споменал, но сите ветуваат зелена и чиста животна средина, цел која се покажа недостижна веќе четврта деценија.
Ралноста е дека и кога се прават паркови, потоа не се одржуваат (како да е целта само да се потрошат парите), а депонијата Вардариште секој ден е поголема, поопасна, чади уште повеќе, а нема никаква активност што би значела дека се бара решение. Градот практично е зрел за прогласување вонредна состојба, бидејќи мали се надежите дека и тие што ќе дојдат наредните четири години ќе ги решат суштинските прашања, кои со секој циклус се побројни и поургентни.
За жал, во голема мерка замре и гласот на еко организациите кои со години водеа битка со институционалните ветерници и со профитерите и веќе не гледаат надеж, особено по сите сопки што им се прават да учествуваат во политиките. Место тоа, гледаме „фенси“ кампањи деновиве за локалните избори во кои се ветуваат „смарт“ населби, дигитални центри, QR кодови и се шетаат странски архитекти кои наводно ќе стават ред и ќе направат план за населба со над 150 дивоградби, во ситуација кога граѓаните не можат да отворат прозор и пред очи им се уништува секој сантиметар хуман простор.