Теоретски се шансите Морина да биде испорачан на Србија


Српското Министерство за правда ги прибира доказите што ќе ги даде на увид во Македонија за да го добие поранешниот член на Ослободителната војска на Косово, Томор Морина, кому му е одреден едномесечен екстрадициски притвор во Скопје. Тој е осомничен за злосторства врз српското население за време на војната во Косово во 1999 година. Морина бил активен на боиштата околу областа Дукаѓини.
Откако ќе ги добие, нашето Министерство за правда ќе одлучи дали ќе го испорача борецот на ОВК, кој завчера беше уапсен на граничниот премин Блаце поради распишаната потерница од Интерпол по барање на Србија.
Од Министерството за правда велат дека го известиле Министерството за надворешни работи и дека се уште не добиле официјално барање за екстрадиција.
„Согласно Европската конвенција за екстрадиција, Министерството за правда, во рамките на своите надлежности, за постапки за екстрадиција го известува Министерството за надворешни работи на Северна Македонија за лишување од слобода на странски државјани, со цел да ги извести конзуларните претставништва на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, чиј државјанин е засегнатото лице. Министерот за правда не доби официјално барање од Србија за екстрадиција на ова лице. Во случај на понатамошно дејствување, министерот за правда ќе ја достави потребната документација за донесување одлуки во органите на правдата“, велат од Министерството за правда.
Сепак, и доколку има барање за екстрадиција праксата покажува дека шансите тој да биде испорачан во Србија се теоретски. Имено, голем број од европските земји навистина постапуваат по потерниците на српските власти што се однесуваат за поранешните борци на ОВК и ги приведуваат, но потоа ги ослободуваат откако ќе се заврши процедуралната постапка. Главниот трик е во тоа што Србите си ги сметаат борците на ОВК како свои државјани, имајќи предвид оти не ја признаваат самостојноста на Косово, што лесно се побива во земјите што ја имаат признаено независноста на новата држава.
Последен таков пример се случи пред неколку дена, кога во Хрватска беше приведен Исмаил Морина, кој управуваше со беспилотното летало со знаме на „голема Албанија“ над стадионот во Белград за време на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија во 2014 година, по што избија серија насилства. Имајќи предвид дека Морина живее во Италија, властите во Загреб го препратија таму, а не во Белград. Судот во Бари веднаш го ослободи Исмаил Морина.
Неговиот сонародник со исто презиме се надева на ист епилог и во Скопје, а тоа го најави и министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли.
„Политичките наредби на Србија за апсење против борците за слобода на ОВК, немаат никаква смисла и никаква правна основа и едноставно се базираат на политички причини. Ние веруваме дека наскоро негово ослободување ќе се случи и така ќе се врати во неговото семејство. Косово и Северна Македонија имаат блиски пријателства и партнерства и како партнери ќе го решиме ова прашање. Томор ќе биде ослободен наскоро“, уверен е Пацоли.
Во иста насока се споменуваат и примерите со косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој пред да му биде укината потерницата од Интерпол, редовно беше приведуван по европските метрополи, а потоа пуштан. Од друга страна, самиот тој се пријави трипати (последен пат пред неколку дена) во Судот во Хаг кога беше повикан за наводни злосторства за време на конфликтот.

Од Министерството за надворешни работи на Косово највуваат дека ќе продолжат да работат на неговото ослободување и дека ќе побараат од Скопје да дејствува како и сите други земји во Европа кои ги отфрлиле, како што велат, политичките налози за апсење издадени од Белград.
Сепак, приведувањето на Морина го разгневи координаторот на ДУИ во парламентот, Ејуп Алими, кој од собраниската говорница кажа оти му е срам што ја поддржал владата на Зоран Заев, споредувајќи го премиерот со Слободан Милошевиќ и со Александар Вучиќ. Алими го повика министерот Оливер Спасовски да го уапси и него.
Премиерот му одговори оти најпрво треба да ги научи законите и постапките, а потоа да вперува прст кон некого. Тој му објанси дека потерницата е стигната од Интерпол, односно дека „не е ниту од Вучиќ или Милошевиќ“.

„Од Интерпол каде сме членка и каде сме гласале и Косово да биде членка, без разлика што Србија е против“, рече Заев од собраниската говорница, кој, сепак, индиректно напомена оти Морина ќе биде пуштен бидејќи штом ги добие од Белград документите за екстрадиција на Морина, нашето Министерство за правда ќе констатира оти тој не е државјанин на Србија, туку на Косово. (Г.А.)