Таравари се мисли дали да прифати министерско место


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, се уште не решил дали да биде министер за здравство во идниот владин состав или ќе остане на градоначалничкото место.  Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни. Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.

– Освен нас, се надевам дека ќе влезе и друга партија, сега немам информација од ВМРО дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено, рече Таравари.

Според него, наскоро ќе има официјални резултати од преговорите.

– За директори уште немаме зборувано. За министри од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен, рече Таравари.

На прашање на МИА дали ќе биде иден министер за здравство, тој рече дека нема решено и уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција.

„Алсат“ веќе објави дека следен претседател на Собранието ќе биде претседателот на Алтернатива, Африм Гаши. Освен тоа, Алтернатива ќе го има и ресорот евроинтеграции, како и местата заменик министер за образование и заменик министер за етнички заедници.

Демократското движење на Изет Меџити ќе ја преземе функцијата прв вицепремиер на Владата, функција која претходно ја вршеше Артан Груби. Го добива и Министерството за животна средина како и двајца заменици министри, за транспорт и МВР. Движењето Беса ќе раководи со Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика, а ќе има и заменик министер за култура.

Околу формирањето на новата влада и составот на партиите кои ќе бидат во неа, денеска коментираше и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски преку објава на својот профил на социјалната платформа Икс.

Милошоски вели дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.Во однос на формирањето на новата влада, деновиве работните групи што за таа цел ги формираа ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, според информациите, ги привршуваат преговорите и, како што најавија, од двете политички групации со конечниот исход од договореното се очекува да излезат утре.