Таравари: 20 пациенти се во критична состојба, другите стабилно

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на прес-конференција информираше дека пациентите од пожарот во Кочани се во генерално стабилна состојба, а 20 пациенти се во критична состојба. Тој најави дека можни компликации се очекуваат денеска и утре. Како што рече, има нови пациенти кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, но, не се пријавиле вчера, туку се пријавиле денеска.
– Завршивме со состанокот на Кризниот штаб и направивме пресек на состојбата. За среќа, пациентите коишто беа донесени вчера во болниците низ државата се во стабилна состојба. И тие кои беа пренесени надвор од државата, вкупно 51 досега, сите се во генерално стабилна состојба. Но, се појавува еден нов проблем да има пациенти кои вчера не се јавени и денеска се јавуваат. Јас би сакал да упатам порака до сите кои биле дел од трагичниот настан во Кочани, а не се пријавиле вчера, ги молам денеска да се пријавуваат, рече Таравари.
Сега 49 пациенти имало на Клиничкиот центар во Скопје, 18 во ГОБ „8 Септември“, 17 во Стара градска болница. Како што рече, сите пациенти кои биле во Кочани и Штип, сега се сместени во Скопје. Во Кочани повеќе немало пациенти.
– Сега добивме информација, во Штип пријавени се двајца нови пациенти коишто вчера воопшто не биле, додаде министерот.
Досега беа испратени деветмина пациенти во Турција – шестмина во Анкара, а тројца во Истанбул. Во Бугарија – 14, од кои осуммина во Софија, а по тројца во Варна и Пловдив. Петмина пациенти беа испратени во Грција. Седумнаесет пациенти во Србија.
– Вчера се упатени уште двајца пациенти во Унгарија, во Будимпешта и во Литванија уште четворица пациенти се упатени вчера. Денеска очекуваме уште неколку пациенти да бидат упатени надвор од државата. Во Словенија денеска сигурно двајца ќе одат, до подоцна можеби уште двајца или утре ќе остане. За Хрватска или денеска или утре ќе појдат уште четворица пациенти. Во Австрија ќе бидат трипати по двајца пациенти. Тројца во Виена, тројца во Грац, вкупно шестмина. Уште 12 пациенти со авион ќе бидат испратени во Белград, информираше министерот.
Околу 15 специјалисти од Белград и од Чешка се пристигнати во државава да помогнат за лекување на повредените во катастрофалниот пожар што се случи во дискотека во Кочани во кој, според последните официјални информации загинаа 59 лица, а 155 повредени. Се очекува да пристигнат и специјалисти од Израел. Министерот Таравари изјави дека тие ќе бидат распоредени по клиниките каде има потреба.
На новинарско прашање, Таравари појасни дека дел од пациентите се транспортирани надвор од државата не затоа што немаме центар за изгореници, туку затоа што се работи за голем број на пациенти.
– И да одите во поголеми држави нема центри за изгореници. Гледате дека сите држави прифаќаат од двајца до петторица пациенти, не повеќе. Кај нас се случи шок, изгореници на повеќе од 100 лица што треба да се третираат и нормално е дека немаме капацитети добро да ги третираме. Овие пациенти поради комликациите што се јавуваат од изгорениците, а сите се од втор или трет степен, веќе постои опасност од инфекции и целта ни беше да се третираат што подобро, а ние да сме подготвени евентуално за пациенти кои биле латентни, изјави Таравари.
Според директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, македонскиот здравствен систем одлично се снашол во целата ситуација. И да сме имале центар за изгореници, истакна Клековски, не би можело да им се пружи соодветена грижа затоа што пациенти со вакви изгореници бараат посебен треман.
– Со целата критика на македонското здравство вчера над 140 повредени беа прифатени во многу краток период. Зборуваме за пациенти кои имаат изгореници од втор и трет степен на повеќе од 10, 20, 30 проценти од површината. Морам да кажам дека првата фаза на згрижување на пациентите е завршена, никој не остана незгрижен. И да имавме центар за изгореници ќе имавме бокса за четири-пет пациенти, истакна Клековски.
Таравари подвлече дека ситуацијата е под контрола и очекуваат помалку компликации.
Специјални екипи на МЗ за информирање за состојбата на повредените од Кочани кои се на лекување надвор од државата
Министерството за здравство ќе има специјални екипи кои што ќе комуницираат за состојбата на пациентите настрадани од пожарот во Кочани, кои што се на лекување надвор од државата, најави денеска на прес-конференција ресорниот министер Арбен Таравари. Целта е како што посочи, за нивната состојбата да се известуваат и семејствата и јавноста.

– Веќе се дадени задачи во Министерството за здравство да имаме специјални екипи, кои што ќе комуницираат со нашите пациенти кои што се надвор од државата, за да се известува и јавноста, меѓутоа и семејствата, рече Таравари. – Во текот на денешниот ден, најдоцна до 14 часот од Министерството ќе излеземе со броеви, контакт личности за сите болници каде што се сместени нашите пациенти за да можат и семејствата, меѓутоа и екипите од Министерството за здравство да комуницираат со болниците и секојдневно, барем на четири – пет часа да добиеме информации за состојбата на пациентите.
Таравари исто така на денешната прес-конференција најави дека ќе оформат екипи на психолози и психијатри кои што ќе работат во Кочани, како и низ клиниките и болниците, со цел давање на поддршка за семејствата и пациентите.
-Уште денеска ќе имаме состанок во Министерството за здравство со специјални, психолошки тимови, заедно со директорката на Универзитетска Клиника за психијатрија – Скопје, д-р Славица Арсова, за да оформиме екипи на психолози и психијатри кои што ќе работат во Кочани и низ клиниките и болниците, каде што ќе има потреба, со цел поддршка на семејствата и пациентите, рече Таравари.
Во пожарот загинаа 59 лица, а од повредените во државава се лекуваат 84 пациенти, а во странство 51 пациент.