Талат Џафери: Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО
Претставниците на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на вечерашниот митинг во Скопје ги повикаа Албанците на претстојниот втор круг од претседателските избори да гласаат за консензуалниот кандидат за претседател кој е проевропски ориентиран.
Претседателот на Собранието Талат Џафери потенцираше дека првпат се огласува за време на претседателската кампања поради неговата функција.
– Граѓаните на Северна Македонија одлучија да бидат ориентирани кон ЕУ, никој не сака да се враќа назад. Нашиот избор треба да биде јасен. Колку и да сакам да бидам неутрален, како граѓанин се определувам за Западот. Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО, рече Џафери.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека на 5 мај треба да се гласа за консензуален кандидат, посочувајќи дека тој нема да гласа за себе, туку за младите.
Наведе дека доколку нема цензус тоа не значи дека претседателот на Собранието Талат Џафери ќе биде претседател на државата, туку дека за 75 дена повторно ќе се распишат избори.
Изет Меџити, шеф на изборниот штаб на ДУИ, истакна дека силно го поддржуваат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
– Мора да поддржиме проевропски кандидат. Не смееме да поддржиме кандидат кој не познава двојазичност. Да се излезе на 5 мај и да се гласа. Апстиненцијата и помага на ВМРО-ДПМНЕ, ги ризикува НАТО и Европската Унија. Како ДУИ и како Албанци немаме дилеми, порача Меџити.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи нагласи дека идејата на Европа е идеја на консензуланост.
– Не го правиме ова за послушност на некој, ова го правиме за нашата земја, за себеси. За рамноправноста на сите граѓани, истакна Арифи, посочувајќи дека Албанците уште еднаш треба да докажат дека се фактор без кој земјата нема да биде во НАТО и во ЕУ.