Тајни за автомобилските гуми: Еве што бараат производителите и што сакаат возачите


Проблемот е што овие потреби честопати се контрадикторни.

Кога сопственикот на автомобил купува гума како, на пример, Michelin Pilot Sport 4S, всушност постојат две верзии – онаа што можете да ја купите во продавница и онаа што производителите на автомобили ја нарачуваат директно од Michelin.

Разликите се огромни, бидејќи потребите на производителите и самите возачи не се исти, пишува Motor1.

Michelin ја претстави разликата помеѓу гумите за замена и оние што доаѓаат со новите возила на настан во Атланта.

Што сакаат возачите?

Возачите бараат долг век на траење на шарите, како и добро прилепување на влажни и снежни површини.

Малкумина размислуваат за отпорот на тркалање, освен сопствениците на електрични возила, за кои е важна дополнителната автономија.

Што сакаат производителите?

Производителите на автомобили се најмногу заинтересирани за низок отпор на тркалање, бидејќи тој ја намалува потрошувачката на гориво и емисиите, а во случај на електрични автомобили, го зголемува дометот.

Тие исто така бараат подобри перформанси на сопирање на суво, бидејќи оваа информација се зема предвид во тестовите што влијаат на оценките на автомобилите.

Проблемот е што овие потреби честопати се спротивставуваат – гумата што трае подолго обично има полош отпор на тркалање, додека гумата со подобро прилепување се троши побрзо.

Мишлен се обидува да најде рамнотежа, но совршеното решение сè уште не постои.

Затоа често имате две гуми што изгледаат исто и имаат исто име, но се однесуваат сосема поинаку – фабричката верзија е оптимизирана за потребите на производителот, додека верзијата за замена нуди она што е поважно за повеќето возачи.