СЗО: Короната се шири побрзо од дистрибуцијата на вакцините


 

Светската здравствена организација повикува на поголема солидарност за да се сопре пандемијата, предупредувајќи дека вирусот побрзо се шири од што се организира распределбата на вакцините, и дека ветувањата на Г7 се недоволни, како и меѓународната финансиска помош.

На состанокот на врвот, кој се одржа минатиот викенд во Англија, челниците на Г7 најавија дека ќе донираат милијарда дози вакцини, поточно 870 милиони, на кои се додаваат обврските преземени во февруари – и тоа во дози или во облик на финансиска помош преку меѓународниот систем за распределба на вакцините Ковакс.

„Нѝ требаат повеќе вакцини, и тоа што побрзо. Повеќе од 10.000 луѓе умираат секој ден. На тие заедници им треба вакцина, и тоа сега, а не следната година!“, предупреди главниот директор на СЗО Тедрос Гебрејесус на прес-конференција.

„Во моментот вирусот се шири побрзо од дистрибуцијата на вакцините во светот“, се пожали тој.

СЗО сака до следната година да се вакцинира баре 70 отсто од населението

Додека дел од населението на богатите земји продолжува со нормален живот благодарение на вакцинацијата, таа споро напредува во сиромашните земји, кои главно остануваат без вакцини. Ковакс на 14 мај прати 85 милиони дози во 131 земја во светот, што е значително помалку од планираното. Невладините организации и партнерите на СЗО изразија загриженост.

„Мора да бидеме појасни во врска со вистинскиот број донирани дози и со тоа колку точно време треба за да се исполнат нивните ветувања“, рече за АФП Јуангџионг Ху од организацијата Лекари без граници. СЗО сака до следниот состанок на Г7 во Германија следната година да се вакцинираат барем 70 отсто од луѓето во светот.

„За да успееме во тоа, нѝ требаат 11 милијарди дози“, истакна Тедрос.

Хелен Кларк, сопретседателка на стручната група за оцена на светското управување со пандемијата, рече дека богатите земји ставија на страна 4,3 милијарди дози.

„Дури и ако сметаме со две дози по човек, остануваат за распределба уште две милијарди дози“, рече поранешната новозеландска премиерка пред состанокот на Г7.